Штип го свикува Локалниот совет за превенција по трагедијата во дискотеката во Кочани
- Четворица штипјани се повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Сите се хоспитализирани и се лекуваат во болниците во странство. За утре е закажан Локалниот совет за превенција, а веќе во петок ќе има седница на Советот на Општина Штип за поддршката која ќе ја добијат семејствата на загинатите и на повредените, најави денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Штип, 24 март 2025 (МИА) - Четворица штипјани се повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Сите се хоспитализирани и се лекуваат во болниците во странство. За утре е закажан Локалниот совет за превенција, а веќе во петок ќе има седница на Советот на Општина Штип за поддршката која ќе ја добијат семејствата на загинатите и на повредените, најави денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Тој посочи дека на утрешната седница на Локалниот совет за превенција сите институции заеднички ќе дефинираат чекори во насока на решавање на проблемите во секојдневието. Јорданов истакна дека постои колективна одговорност за решавање на проблемите во општеството.
-Заеднички да се дефинираат чекорите во насока на решавање на проблемите со коишто се соочиваме во секојдневието, без разлика на надлежностите на институциите. Сепак треба да биде една коориднирана активност, која мора да биде засилена. Трагедијата се случи во секторот угостителство, но верувајте проблемите се приситни во сите сегменти на општественото живеење, изјави Јорданов.
Тој додаде дека општините и институциите не можат самостојно да ги решат проблемите во општеството. Според него мора да се направи национална Стратегија за да се надминат сите недостатоци и аномалии кои се појавуваат, а истовремено потребно е да се работи и на однесувањето на граѓаните и само со конкретни чекрои може да се надминат проблемите.
-Евидентно е дека имаме проблеми и нефункционален систем и општество. Ниту една Општина, ниту една институција не може самостојно да одговори на предизивицте на дневна основа. Ниту една институција нема соодветен капацитет за да ги исконтролира во еден момент сите недостатоци и аномалии коишто се појавуваат, рече Јорданов.
На наредната редовна седница на Советот на Општина Штип, која ќе се одржи во петок ќе се донесе одлука за поддршка на семејствата и на повредените и на починатите. вдј/
Фото: МИА