• петок, 27 декември 2024

Штипски „Исар“ ја очекува анализата од водата од ХС „Злетовица“

Штипски „Исар“ ја очекува анализата од водата од ХС „Злетовица“

Штип, 12 јануари 2022 (МИА) - Единствен начин ЈП „Исар“ - Штип да ја преброде енергетската криза е доколку градот со вода за пиење почне да се снабдува од ХС „Злетовица“. Примерок од водата е пратен во Белград, од каде се чекаат резултатите. Водоснабдувањето се уште се одвива преку бунарскиот систем, со што се трошат енормни количини електрична енергија, а „Исар“ наместо досегашните пет милиони денари, од февруари за струја ќе добива месечна фактура во висина од 20 милиони денари, истакна на денешната прес-конференција директорот на ЈП „Исар“, Трајче Здравков.

- Доколку започнеме да ја користиме водата од ХС „Злетовица“, според нашите анализи, трошоците за струја по оваа висока цена би биле исти како претходно кога немало енергетска криза, значи јавното претпријатие би плаќало помеѓу четири и пет милиони денари, вели Здравков.

Филтер станицата е преадаптирана за прием на водите од хидросистемот уште во септември минатата година, а постои и обучен кадар. Поради неисплатен заостанат долг кон приватниот добавувач на електрична енергија од 30 милиони денари, договорот е еднострано раскинат.

- ЈП „Исар“од 1 јануари излезе на слободен пазар, каде што според нашите анализи ќе плаќаме минимум 4 пати повисока цена на струјата од таа што ја плаќавме до сега, додаде Здравков.

Во наредните три месеци штипското комунално претпријатие „Исар“ ќе користи струја од ЕВН.

- Прво треба да распишеме јавна набавка за да видеме дали некој ќе се пријави . Доколку никој не се јави известен сум дека треба од Бирото за јавни набавки да бараме дозвола за директно преговарање со некој добавувач, бидејќи 90дена ќе поминат брзо и не смееме да се доведеме во ситуација да останеме без електрична енергија, вели Здравков.

Дополнително, „Исар“ заедно со општината треба да врати долг од 4,5 милиони евра, за кредит кој не бил исплаќан цели 20 години. Тој порача дека со градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов ќе преземаат се за во наредните месеци граѓаните да не почувствуваат било какви проблеми при испораката на услугите до нив, односно ќе имаат вода за пиење, сметот редовно ќе се собира. вдј/фф/

Остани поврзан