• понеделник, 23 декември 2024

Штипски „Исар“ формираше кризен штаб доколку има непредвидени прекини на водоснабдувањето

Штипски „Исар“ формираше кризен штаб доколку има непредвидени прекини на водоснабдувањето

Штип, 29 мај 2024 (МИА) - Сите штипски населби се снабдени со вода, а канализациониот систем функционира во најдобра кондиција. Но, директорот на ЈП „Исар“-Штип, Кирил Зајков денеска упати апел до граѓаните за разбирање, доколку дојде до прекин на водоснабдувањето, бидејќи на терен има градежни активности на капитални проекти, кои можат да доведат до ненамерен прекин на водоснабдувањето. Забележа дека станува збор за водоводна мрежа која е стара повеќе од 60 години, па како што вели Зајков нормално е да дојде до некој прекин на водата. Формиран е и нов кризен штаб и дежурна екипа со цел брзо реагирање и санирање на сите дефекти.

-Ние како Јавно претпријатие формиравме кризен штаб и дежурни активности кои првенствено ќе бидат насочени само за реализација на неочекуваните прекини на водоснабдувањето предизвикани од градежните активности. Апелираме и ги замолуваме за разбирање граѓаните, бидејќи Штип е едно големо градилиште во моментот и се работи на три големи капитални објекти и очекувано е дека при изведување на истите може да дојде до одредени прекини на водоснабдувањето, рече Зајков.

Посочи дека во моментов тече доизградбата на булеварот „Партизанска“, каде што пред два дена имаше и прекин на водоснабдувањето во одредени населби во градот.

-Најголемиот проблем е во локацијата којашто вие ја наведовте, бидејќи овде се изведува градежната активност за изградба на булеварско решение во Општина Штип за поврзување на населбата 8-ми Ноември и населбата Баби. Меѓутоа од овде минува и главната линија со која се поврзува водоснабдувањето на овој дел од градот. Станува збор за повеќе од 60 години стара цевка која на каква било вибрација на самото тло, бидејќи таму сме сведоци дека голем број на работни машини се присутни и работат интензивно за побргу да се заврши, доаѓа до кршење на истите, додава Зајков

Цевките се веќе стари и предизвикуваат проблеми, прекините на вода вообичаено се регистрираат во населбите 8 Ноември и Баби, бидејќи низ нив минува главната линија која го поврзува градот со водоснабдувањето.вдј/ир

Фото: МИА

Остани поврзан