• вторник, 24 декември 2024

Штипските училишта почнаа со примената на Правилник за општи норми и етичко однесување

Штипските училишта почнаа со примената на Правилник за општи норми и етичко однесување

Штип, 5 февруари 2024 (МИА) - Почна примената на новиот Правилник за општи норми и етичко однесување во сите штипски основни и средни училишта. Во штипското Општинско основно училиште (ООУ) „Димитар Влахов“ денеска пред да почне редовната настава, учениците денот го започнаа со интонирање на државната химна, а македонското знаме беше истакнато на видно место. Директорката на ООУ „Димитар Влахов“, Невенка Величкова, вели дека на овој начин кај децата ќе се развие чувството на припадност и ќе се негува чувството на националност.

-Со донесување на Правилникот за општи норми и кодексот на однесување на ученици, на родителите, на наставниците, како и на стручните соработници се обидуваме ние како училиште и како Општина да ги мотивираме учениците да го почитуваат воспитно-образовниот процес. Се надеваме дека ова денес што се случи – интонирањето на химната на Република Македонија и поставување на државното знаме на Републиката, ќе премине во традиција и дека секој понеделник ќе ги слушаме звуците на нашата химна. Со тоа се надеваме дека ќе формираме едно чувство на припадност и развивање на чувството на националност, односно будење на чувството на националност како дел од воспитно-образовниот процес на учениците, вели Величкова.

Правилникот кој го усвоија сите училишни одбори и Општината, а кој денеска почнува да се применува предвидува практикување на некои веќе воспоставени правила, како и неколку нови. Освен на учениците, се однесува и на наставниците, стручниот персонал, како и сите останати вработени во училиштата, како и на родителите. Новиот правилник го забранува користењето мобилни телефони за време на часовите, го регулира начинот на облекување на сите страни вклучени во образовниот процес, како и начинот на меѓусебно однесување, го забранува булингот, пушењето, внесувањето и консумирањето на алкохол. вдј/ир

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан