• недела, 22 декември 2024

Штипските детски градинки ги пречекаа најмалите кои првпат се згрижуваат

Штипските детски градинки ги пречекаа најмалите кои првпат се згрижуваат

Штип, 1 септември 2023 (МИА) - Со детски песни, насмевки и весели стихотворби, беа пречекани и дечињата во детските градинки во Штип. За оние кои првпат стапнуваат во градинката, но и за оние кои таму се враќаат по летниот распуст, беа подготвени пригодни програми со цел полесна адаптација.

Директорките на двете градинки „Астибо“ и „Вера Циривири-Трена“, Наташа Мусева и Ивана Ангеличкова велат дека првиот ден започнал со многу џагор, дел детска смеа, но и со солзи.

-И оваа година како и секој први септември има доста детски насмевки, џагор од игра и смеа, но и од солзи. Се надевам дека нашата адаптација во детските градинки ќе трае што пократко, сите дечиња коишто доаѓаат и се згрижени во нашите објекти ќе бидат пресреќни во сите наши објекти со нивните учителки, рече  Мусева, директорка на ЈОУДГ „Астибо“ – Штип.

Ангеличкова пак дополни дека топло добредојде на помалите им посакаа децата од поголемите групи со приредби.

-По повод 1 септември, официјалниот почеток на сите дечиња, денес во дворовите на нашите градинки, дечињата од големите групи им приготвија пригодна приредба за да ги расположат, развеселат и да им посакаат добредојде на сите нови дечиња и на дечињата кои одмараа во текот на летниот распуст. Се надевам дека ќе го поминеме периодот на адаптација во градинката, втор дом за учениците, вели  Ангеличкова, директорка на ЈОУДГ „Вера Циривири – Трена“-Штип.

Годинава сите клонови во рамки на детските градинки се со  помал број дечиња, иако ситуацијата е различна во зависност од клонот и групата. Директорките посочуваат дека иако имаат недостиг на кадар, искористен е секој простор во рамки на законските можности.

-Оваа година имаме одреден намален број деца во градинките, но сето тоа е поради тоа што не можат сите да бидат згрижени и опфатени, поради недостиг на персонал. Постојат возрасни групи коишто имаат релативно мал број деца, додека зголемениот број деца е онаму каде што има услови за згрижување, додава Мусева.

-Пополнивме секаде каде што можевме, каде што Законот дозволува. Јаслите од почеток се полни со деца, нема проблем таму, меѓутоа во веќе пополнетите групи се појавува проблемот, додава Ангеличкова.

Во детската градинка „Астибо“ оваа година ќе бидат згрижени околу 750 дечиња, а бројот е сличен и во детската градинка „Вера Циривири – Трена“. Меѓутоа, многу мал број од нив се новозапишани. вдј/вг/

Фото: МИА 

Остани поврзан