• сабота, 23 ноември 2024

Штипскиот Центар за култура ќе ја отвори „Галерија 22“

Штипскиот Центар за култура ќе ја отвори „Галерија 22“
Штип, 9 март 2022 (МИА) - Штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“ и Народниот театар-Штип деновиве имаат низа на културни настани. Беше промовиран и проектот за укоричување на поставени драмски текстови. Директорот на Центар за култура „Ацо Шопов“-Штип, Горан Трајков најави дека утре и во петок публиката ќе може да ги проследи гостувањата на ХНК од Вараждин, Република Хрватска со претставата „Енигматски варијации“ и НУЦК „Бели мугри“ од Кочани со монодрамата „Избувливиот човек“ која во Штип ќе се игра по третпат. - Денес ја правиме и промоцијата на проектот за укоричувањето на драмските текстови. Еве и еден повик до сите штипјани и граѓаните на околните градови, коишто во својата библиотека имаат драмски дела: ако сакаат да ги донираат истите, ние би сакале да создадеме вредна библиотека од драмски текстови коишто ќе ни служат како добра основа за развој на театарот во нашиот град, вели Трајков. Во сабота свечено ќе се отвори „Галерија ’22“. Откако изминатиов месец активно се реновираше фоајето на Домот, а отворањето ќе биде пропратено со низа активности и културни збиднувања кои се дел од целодневната програма. - Во сабота е отворањето на оваа Галерија, еве испраќам една покана до сите љубители на уметноста да дојдат во сабота, во 12 часот, да проследат низа активности коишто ќе се случуваат. Ќе имаме отворање на ликовната изложба од Валентина Илиевска, потоа имаме промоција на наградената поема „Цветко“ од Трајче Кацаров, па промоција на списанието за уметност од Центарот за култура „Ацо Шопов“, кој е апстракт од штипскиот весник „Штипски глас“. Ќе имаме и музичка програма, а во вториот вечерен дел имаме изложба на жени уметници од Истокот, од три града во државата: Виница, Кочани и Штип. Ќе го претставиме нивното творештво во чест на месецот на жената. Потоа ќе имаме и музички точки со рок и џез музика, а за најмладите, секако, следува и забава, рече Трајков. Прозорските стакла на новото фоаје се витраж изработен од младиот ликовен уметник Ристе Мицевски. Изминативе неколку недели во рамки на ликовното ателје се изработуваат и мозаици од ученици од основното училиште „Ванчо Прке“, кои треба да го разубават Центарот за култура на 15 април, Светскиот ден на уметноста. вдј/фф/

Остани поврзан