• понеделник, 23 декември 2024

Штипскиот градоначалник и директорите на основните училишта имаат забелешки за новата концепција за учениците од прво до шесто одделение

Штипскиот градоначалник и директорите на основните училишта имаат забелешки за новата концепција за учениците од прво до шесто одделение

Штип, 15 септември 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов  и директорите на основните училишта на денешната прес-конференција истакнаа дека не се согласуваат со новата концепција за учениците од прво до шесто одделение.

Јорданов посочи дека известувањето од Бирото за развој на образованието за нив е од повеќе аспекти спорно. Смета дека новата концепција ќе доведе до фискална импликација и ќе изискува зголемување на финансиските средства, дека се крши законот, а една од одредбите е дека нема да се учи од учебници, туку оставено е наставниците сами да се снаоѓаат.

 - Со ова Известување што стигна и ова Решение што е истакнато на веб-страната на Бирото за развој на образованието се случи на само неколку дена пред почетокот на учебната година. Училиштата доставуваат Годишна програма до Општината кшто се усвојува до 31 август и која со новата концепција веќе е доведена во прашање, односно треба целосно да биде изместена. Тоа само по себе ќе создаде хаос во одвивањето на наставата и ова е спротивно на Законот за основно образование, вели Јорданов.

Директорите на училиштата велат дека насоките од повеќе аспекти се косат со законите.  Директорот на Општинското основно училиште (ООУ) „Гоце Делчев“, Зоран Митев вели дека најавено било оти ќе има нов и модифициран електронски дневник кои ќе одговара на насоките, но и стариот кога работи, кога не работи.

-Според наставниот план, предвидено е изучување во шесто одделение на предметот Историја и општество. Меѓутоа, со насоките коишто се дадени од Бирото се предвидува запишување на оценки по три модули – Историја, Географија и Граѓанска култура. Сето ова се коси со самиот Закон, со оглед на тоа што наставниот план предвидува еден предмет и изведување на една оценка, додека според насоките дадени од страна на Бирото се предвидува запишување на три оценки коишто ќе одат во свидетелство. Едно со друго не одговара, изјави Митев.

Градоначалникот на Штип прашува каде е мотивацијата и кој ќе биде начинот на распределба на часовите, кога според новата концепција, наставниците кои имаат поголем и оние кои имаат помал фонд на часови ќе земаат иста плата.

Тие ќе бараат МОН да се произнесе и да даде образложение за ваквите нејасни насоки за настава за учебната 2023/2024 година. вдј /цр

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан