• вторник, 24 декември 2024

Шпанскиот премиер Санчез положи заклетва, вети зголемување на минималната плата и пензиите

Шпанскиот премиер Санчез положи заклетва, вети зголемување на минималната плата и пензиите
Мадрид, 8 јануари 2020 (МИА) - Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска положи заклетва пред кралот Фелипе Шести за нов четиригодишен мандат, откако вчера Парламентот со тесно мнозинство ја изгласа неговата левичарска коалициска влада. Коалицијата е составена од неговите социјалисти и левичарската партија „Обединети можеме“, прва коалициска влада во Шпанија по смртта на диктаторот генерал Франциско Франко во 1975 година. За коалицијата гласаа 167 пратеници, 165 беа против, а 18 воздржани. Санчез ја предводеше техничката влада помалку од една година. Министрите во новата влада треба да бидат познати во наредните денови, а засега е сигурно дека еден од тројцата потпретседатели ќе биде Пабло Иглесијас, лидер на Унидас Подемос. Санчез вети дека ќе го зголеми персоналниот данок на доход за луѓето што заработуваат повеќе од 130.000 евра годишно, а дополнително ќе го зголеми за оние што заработуваат повеќе од 300.000 евра. Исто така, коалицијата се заложи да ја зголеми минималната плата на 60 проценти од просечната плата во Шпанија, од сегашните 45 проценти. Санчез вети дека ќе ги заштити од приватизација јавните услуги како што се здравството, образованието, осигурувањето и социјалната помош, нарекувајќи ги клучни алатки во борбата против нееднаквоста. Левичарската коалициска влада планира да поништи дел од реформите на пазарот на труд што ги воведе конзервативната влада од 2012 до 2018 година. Санчез вети и  зголемување на минималната пензија. Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на премиерот Санчез освои најголем број гласови на парламентарните избори во ноември, но не доволно за самостојно да формира влада. ПСОЕ доби 120 пратеници од вкупно 350 места, а за формирање влада потребни се 176 мандати. Санчез потоа договори коалициска влада со левичарската Унидас Подемос, но се уште немаше потребен број пратеници. Санчез, кој е против референдум за независност на Каталонија повикувајќи се на шпанскиот Устав, последните недели водеше преговори со Каталонската републиканска левица (ЕРЦ), партија која заговара отцепување на Каталонија од Шпанија. ЕРЦ одржа интерно гласање и одлучи да се воздржи од гласање за влада, со што му овозможи на Санчез да формира влада. Шпанската десница го обвини Санчез за предавство откако склучи договор со најголемата партија која заговара отцепување на Каталонија, покраина со 7,5 милиони жители. Лидерот на ЕРЦ, Ориол Жункерас, поранешен потпретседател на каталонската влада е во затвор откако во октомври беше осуден на 13 години затвор поради организирање  референдум за независност на Каталонија, што беше забрането од Уставниот суд на Шпанија. Тој подоцна учествуваше во прогласување на република Каталонија, која не заживеа во реалноста. паг/

Остани поврзан