• вторник, 12 ноември 2024

Шолц уверува дека државата ќе го спаси „Унипер“, еден од најголемите увозници на гас во Германија

Шолц уверува дека државата ќе го спаси „Унипер“, еден од најголемите увозници на гас во Германија
Берлин, 22 јули 2022 (МИА) - Државата ќе го спаси еден од најголемите увозници на гас во Германија, „Унипер“, информираше денеска германскиот канцелар Олаф Шолц. - Беше потребно да го стабилизираме „Унипер“. Околу 60 отсто од увозот на гас доаѓа преку оваа компанија, посочи тој на прес-конференција. Шолц го прекина одморот со цел во Берлин да го соопшти пакетот мерки за спасување на „Унипер“, најголем увозник на руски гас во државата. - Со сопствениците и со финската Влада, што е во сопственичката структура, се договоривме за решение, што предвидува да влеземе во сопственичката структура со учество од 30 отсто. Ќе ги купиме акциите по вредност од 1,70 евра, што е под цената на пазарот. На располагање ќе ставиме хибридни обврзници во вкупна вредност до 7,7 милијарди евра, појасни германскиот канцелар. „Унипер“ со гас во Германија снабдува бројни градски електрани, регионални оператори, како и индустрија. Затоа што „Газпром“ ги намали испораките на гас, „Унипер“ мораше да ги надомести количините што недостасуваат со купување од други извори на пазарот, по многу поголеми цени. Поради тоа, „Унипер“ почна да работи секојдневно со големи загуби. Пакетот мерки за спасување на „Унипер“ мора да се прифати и од Европската комисија, па дури потоа може да се спроведат сите планирани мерки. бд/зш/

Остани поврзан