• сабота, 23 ноември 2024

Шолц: Останатите земји-членки на ЕУ треба повеќе да ја поддржуваат Украина

Шолц: Останатите земји-членки на ЕУ треба повеќе да ја поддржуваат Украина

Берлин, 24 јануари 2024 (МИА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц ги повика европските земји да вложат повеќе напори за поддршка на Украина во нејзината борба против руската инвазија, јави ДПА.

„Учеството што другите европски земји досега го најавија за 2024 година се уште не е доволно“, изјави Шолц во интервју за весникот Цајт.

Според него, Европа треба да разговара за тоа колку секоја земја може да придонесе за да може значително да се зголеми поддршката.

„Украина мора да биде способна да ја брани својата територија и тоа не треба да пропадне поради недостигот на противвоздушна одбрана, артилерија, тенкови или муниција. Силно верувам дека Европа треба да направи повеќе за да ја поддржи Украина и да се одбрани себеси“, изјави Шолц.

Тој, исто така, се пожали дека Германија добива критики од другите земји-членки на ЕУ за тоа дали нејзината поддршка за Украина е доволна, и покрај големите трошоци за помош на земјата.

„Не ми се допаѓа што постојано ме критикуваат во Германија дека владата не прави доволно и е премногу неодлучна. И ние всушност правиме повеќе од другите земји на ЕУ, многу повеќе. Затоа во моментов разговарам со многу мои колеги и сакам тие да вложат повеќе напор за ова“, рече Шолц. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан