• понеделник, 23 декември 2024

Шолц: Германија сака поблиски воени односи со Индија заради спротивставување на кинеското влијание

Шолц: Германија сака поблиски воени односи со Индија заради спротивставување на кинеското влијание

Њу Делхи, 25 октомври 2024 (МИА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Германија сака да ги продлабочи воените врски со Индија, и ги повика двете земји на заедничка воена соработка по состанокот со индискиот премиер Нарендра Моди.

Германија, која досега негуваше дистанцирани односи во одбраната со Индија, сега се обидува да го поддржи настојувањето на Индија да се ослободи од долгорочната зависност од руското оружје, додека Западот се стреми да се спротивстави на зголеменото кинеско влијание.

- Нашата порака е јасна: потребна ни е повеќе соработка, а не помалку, изјави Шолц. Тој додаде дека Германија сака поблиска воена соработка и договор за приближување на армиите на двете земји.

Шолц и делегација на високо ниво од Германија пристигнаа во Њу Делхи, со цел Германија да добие поголем пристап на индискиот пазар и така да го намали своето потпирање на Кина. Германскиот концерн „Тисенкруп“ е еден од двата кандидати што склучиле партнерство со индиски компании за проект за изградба на шест подморници во Индија, вреден пет милијарди долари.

Шолц нагласи дека договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Индија е приоритет, но индискиот министер за трговија Пијуш Гојал предупреди дека договор нема да биде возможен ако ЕУ инсистира на пристап до индиската млечна индустрија. Двете страни се надеваат дека ќе ги завршат преговорите до крајот на 2023 година, но индиската страна ја обвинува ЕУ за „ирационални“ стандарди.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек предложи да се фокусираат на индустрискиот сектор како прв чекор. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан