• понеделник, 23 декември 2024

Шмит упати последен апел за формирање на влада на ФБиХ

Шмит упати последен апел за формирање на влада на ФБиХ

Сараево, 7 април 2023 (МИА) - Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит денеска упати апел до политичарите во Федерацијата Босна и Херцеговина да формираат влада.

Тој наведе дека ако не биде постигнат договор тој е подготвен да реагира.

- Ова е последен повик за да се вразумат политичарите, истакна Шмит.

Тој истакна дека лично е решен да се погрижи граѓаните на ФБиХ да имаат влада без разлика на нивната политичка, национална или верска припадност.

- Очекувам ова прашање наскоро успешно да биде решено, нема да има дополнителен повик, рече Шмит.

Вчера беше крајниот рок ФБиХ да формира влада по општите избори одржани на почетокот на октомври минатата година, но тоа не се случи.

Согласно Уставот на ФБиХ за формирање влада се бара согласност од претседателот на ФБиХ и од двајцата потпретседатели.

Претседателката на ФБиХ Лидија Брадара (ХДЗ БиХ) и Игор Стојановиќ (СДП) дадоа согласност за формирање ентитетска влада, додека бошњачкиот потпретседател Рефик Лендо (СДА) не даде согласност, истакнувајќи дека Партијата за демократска акција, која на минатогодишните општи избори освои најмногу пратенички места во Претставничкиот дом на Парламентот на ФБиХ и има мнозинство во Бошњачкиот клуб, треба да биде на власт. ми/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан