• сабота, 23 ноември 2024

Шинас: Мораме да воспоставиме поголема контрола на границата на ЕУ

Шинас: Мораме да воспоставиме поголема контрола на границата на ЕУ
Мадрид, 4 јануари 2021 (МИА) - Потпретседателот на Европска комисија задолжен за прашањата на миграцијата и промоција на европскиот начин на живот Маргаритис Шинас изјави дека е потребна посилна контрола на европските граници и ги повика партнерите да го одобрат бриселкиот миграциски план за да се избегне повторување на ситуацијата како на Канарските Острови. - Мораме да постигнеме поголема контрола на европските граници, како во САД, изјави Шинас за „Ел Паис“. Според бриселскиот миграциски план годинава треба да се воведе поголема контрола на границата и распоредување на 10.000 припадници на ФРОНТЕКС, да се постигнат дипломатски договори со земјите од Северна Африка, со кои ЕУ граничи и да се активира механизмот на солидарност. - Не станува збор за економска криза или раст на нееднаквоста, со што најдобро се објаснува порастот на популизмот. Се работи за наш неуспех во решавањето на миграцискиот проблем, наведе Шинас. Тој оцени дека во моментот не постои криза туку само поединечни бранови на мигранти на одредени подрачја, како што се Канарските Острови, а претходно беа Кале, Лампедуза, грчките острови, балканската рута. - Тоа што се случува е последица на непостоење на сеопфатен систем за управување со миграцијата, со што би се регулирало од доаѓањето на мигрантите до барањата за азил или нивно враќање, а кој би вклучувал заштита на границата, дипломатски односи со земјите од каде потекнуваат и механизмите за транзит и солидарност. Со таков пакет убеден сум дека Канарските Острови не би се случиле, посочи Шинас. ми/

Остани поврзан