• сабота, 16 ноември 2024

Шилегов: Верувам дека разумот ќе го надвладее гневот кај граѓаните

Шилегов: Верувам дека разумот ќе го надвладее гневот кај граѓаните
Скопје, 21 октомври 2021 (МИА) - Верувам дека граѓаните ќе ги препознаат политиките кои ги креиравме во последните четири години и се надевам дека гневот кој го искажаа кон нас во првиот изборен круг нема да го надвладее разумот и во вториот, порача вечерва актуелниот и кандидат за градоначалник на Град Скопје од СДСМ и коалицијата, Петре Шилегов. Тој во интервју за ТВ Канал 5 нагласи дека останаа само две опции за избор, една која влече напред и го развива Градот веќе четири години и друга која, како што нагласи, ќе го врати градот назад. -Првиот изборен круг беше сериозен излив на гнев, меѓутоа доволно се мудри и паметни нашите граѓани да знаат да ја направат разликата во вториот круг. Во изминатите неколку денови добив многу пораки од луѓе со кои што сум комуницирал, кои што велат, што направивме, не ни беше тоа намерата. И навистина има такви многу луѓе кои заслужено сакаат на тој начин да го покажат својот протест, но ни самите не веруваат дека се случи тоа што се случи. Верувам дека сите овие ќе излезат и ќе гласаат во вториот круг, посочи Шилегов и додаде дека се надева на сојуз со граѓаните. Истакна дека во овие четири години се вложувало во рамномерниот развој на сите делови од Скопје и дека тоа ќе продолжи и во следниот мандат. Осврнувајќи се на проектот за брз автобуски транспорт, Шилегов оцени дека тој е далеку поевтин од проектот за воведување трамвај, а начинот на функционирање е идентичен. вј/аа/

Остани поврзан