• среда, 25 декември 2024

Шидер: Очекував дека сите политички партии ќе работат на европскиот сон

Шидер: Очекував дека сите политички партии ќе работат на европскиот сон

Скопје, 13 април 2024 (МИА) - Северна Македонија е потребна во Европската унија. Очекував сите политички партии да работат на европскиот сон, но од дискусиите тука, во земјата, воочив дека нема многу проевропски опции. Сега е периодот кога ЕУ треба да направи се преговорите да се остварат, но и Северна Македонија да има влада која ќе стори се преговорите да успеат. Пораката е јасна, ќе имаме заедничка европска иднина само ако вие бидете избрани и ако Стево Пендаровски стане претседател на државата, рече денеска европратеникот и носител на листа на социјалдемократите во Австрија за изборите во ЕУ, Андреас Шидер по средбата со лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски.

На заедничката прес-конференција по состанокот во партиското седиште на СДСМ, Шидер истакна дека на Северна Македонија и е потребна влада која ќе ги решава проблемите. Тој како клучни, освен членството во ЕУ, ги посочи економските и социјалните, но и прашањата поврзани со владењето на правото и борбата против корупцијата. Притоа оцени дека токму СДСМ работи на нивното надминување.

Сигурен сум, потенцира Шидер, дека од 2024 до 2029 година земјава ќе има уште една прослава - за зачленувањето во ЕУ.

-Во минатиот мој мандат кажав дека сакам да дадам придонес Северна Македонија да почне со преговорите. Сега е периодот кога ЕУ треба да направи се овие преговори да се остварат, но и Северна Македонија да има влада која ќе направи се овие преговори да успеат. Гледајќи ги дискусиите тука, во земјата, нема многу проверопски опции. Она што очекував е дека сите јасно ќе го туркаат европското прашање, дека сите политички партии ќе работат во насока на овој европски сон, но забележав дека СДСМ е партијата што работи на европскиот сон и Стево Пендаровски како претседател. Пораката е јасна, ќе имаме заедничка европска иднина само ако вие бидете избрани и ако Пендаровски стане претседател на државата. Економската и социјалната ситуација, владењето на правото и борбата против корупција и пристапувањето во ЕУ се трите работи кои одат заедно. Патот кон ЕУ подразбира реформи, а дадени се многу препораки на тој пат. Кај СДСМ гледам највисок процент на покривање на овие области, додека кај другите гледам парашања кои се малку збунувачки за мене, подвлече европратеникот.

Понекогаш, додаде, решенијата не се лесни, а не се лесни ниту одлуките.

-Понекогаш е многу тешко да се најде мнозинство, особено ако опозицијата не е многу сериозна во справувањето со проблемите во земјата, но, сепак е најбитно дека е потребна влада која го воочува проблемот и која е подготвена да го реши, за да се подобрат условите за граѓаните и тоа го имаме видено тука во изминаите години, рече  Шидер.

Тој се осврна и на датумите на изборите.

-Можеби случајно, но избравте многу интересни датуми за изборите. Следниот ден по вториот круг е 9 мај, денот кога беше усвоена Декларацијата на Шуман. Добро е да се разбуди човек наутро и да помисли на европската иднина на државата, порача Шидер. мч/мд/

фото: МИА

Остани поврзан