Шеќерна новогодишна бајка во домот на охриѓанката Александра Спироска
- По професија учителка, но уметник во душата, Александра Спироска од Охрид слободното време го исполнува со креативни изработки на путер колачиња, претворајќи го својот дом во вистинска празнична бајка. Мирисот на путер и ванила проткаен со празнична светлина и весели ноти деновиве се шири од нејзиниот дом и носи топлина во студените зимски денови.
Охрид, 31 декември 2026 (МИА) -
Слаѓана СТОЈКОВА-КОСТОСКИ
По професија учителка, но уметник во душата, Александра Спироска од Охрид слободното време го исполнува со креативни изработки на путер колачиња, претворајќи го својот дом во вистинска празнична бајка. Мирисот на путер и ванила проткаен со празнична светлина и весели ноти деновиве се шири од нејзиниот дом и носи топлина во студените зимски денови.
Шеќерните куќички, внимателно украсени со многу трпение и љубов, потсетуваат на сцени од празничните филмови и за момент те носат во друг имагинарен свет, исполнет со магија и „детска“ радост.

Желбата за убавото и естетски подредено Спироска ја имала уште од најмала возраст.
- Кога на интернет почнаа да се појавуваат путер колачињата и украсените куќарки, во мене се разбуди силна желба и инспирација да почнам да ги изработувам. На почетокот ги правев за сопствена декорација во домот, а потоа и како мали, слатки подароци за моите најблиски за Нова година, раскажува за МИА.
Празнична магија од слатки задоволства
Слатките задоволства ги прави за себе, семејството и најблиските, како знак на внимание и љубов, пораки што говорат без зборови. За неа, секое колаче има своја приказна и своја форма, инспирирана од годишното време и празниците што доаѓаат.

Секое годишно време и носи нова идеја, а со своите креации тематски ги збогатува и роденденските забави на најдрагите дечиња, внесувајќи дополнителна радост и боја во нивните најсреќни моменти.
- Новата година и Божик е најубавиот период од годината за мене уште од мала. Како дете им се восхитував на новогодишните украси, светилките и магијата што ја носат тие денови. Отсекогаш сакав да украсувам, а украсувањето на домот и новогодишната елка го правев со многу љубов и внимание, вели Спироска.
Деновиве домот на Александра бајковито и со стил блеска во новогодишно руво. Внимателно избраните украси, елка, дедо-мразовци, вовчиња, снежни фигури и други детали, проткаени со светилки ја раскажуваат новогодишната бајка, зачинета со волшебните колачиња како чувари на празничната магија.
- По професија сум учителка, а изработката на путер колачиња ми е омилено хоби. Мојот дом за новогодишните и божиќните празници секогаш мириса на путер и цимет, а просторот е исполнет со топлина, убавина и празнична магија. Тоа е нешто што ме исполнува и ми носи вистинска радост, додава Спироска.

Креативноста основна состојка за магични креации
Покрај путерот, шеќерот, брашното и јајцата, за изработка на овие слатки задоволства, посочува дека е потребно и многу љубов, креативност и трпение. Процесот, нагласува, иако бара време и посветеност, за неа е вистинско уживање.
За да дојде до конечен производ најчесто се води по сопствена инспирација, но ги следи и новите трендови во празничното украсувње.
- Не ги доживувам како обично хоби. Креативноста е дел од мојот живот и нешто без кое не можам, низ смеа вели нашата соговорничка, која покрај слатките задоволства креативноста ја изразува во секојдневието, како приватно така и професионално, со најмладите, нејзините ученици.

Со својата посветеност и љубов кон деталите, Александра Спироска покажува дека празничната магија не се купува, туку се создава со срце, трпение и многу инспирација.
Фото: МИА