Шефчович: На американските царини ќе реагираме на пропорционален начин со контрамерки
- Го проценуваме обемот на мерките и ќе реагираме на цврст, пропорционален начин со контрамерки, порача Шефчович, кој денеска во Стразбур учествуваше на дебата во Европскиот парламент насловена „Подготвеност за новата трговска ера: Мултилатерална соработка или царини“.
Стразбур, 11 февруари 2025 (МИА) - Европската комисија не гледа оправдување за воведување царини за нејзиниот извоз во САД, порача еврокомесарот за трговија и економска безбедност Марош Шефчович во врска со одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини од 25 отсто на увозот на челик и алуминиум во САД.
- (Царините) се економски контрапродуктивни. Тоа е “луз-луз“ сценарио. Го проценуваме обемот на мерките и ќе реагираме на цврст, пропорционален начин со контрамерки, порача Шефчович, кој денеска во Стразбур учествуваше на дебата во Европскиот парламент насловена „Подготвеност за новата трговска ера: Мултилатерална соработка или царини“.
Шефчович во обраќањето порача дека Европа денес се соочува со се покомплексен свет, обележан со ривалство и непредвидливост, што влијае на нејзините трговски односи низ целиот свет.
- За жал, царините се вратија преку ноќ. Претседателот на САД потпиша одлука за воведување царини од 25 отсто на целиот увоз на челик и алуминиум во САД од 12 март. Тој, исто така, најави реципрочни царини за други производи. Длабоко жалиме за овие одлуки и најави. ЕУ не гледа оправдување за воведувањето царини за нашиот извоз, што е економски контрапродуктивно, особено со оглед на длабоко интегрираните производни синџири, воспоставени преку нашите екстензивни трансатлантски трговски и инвестициски врски, нагласи Шефчович.
Тој потенцира дека царините се даноци, кои се лоши за бизнисот и уште полоши за потрошувачите, а со нивното воведување тарифи САД ќе ги оданочуваат сопствените граѓани, ќе ги зголемат трошоците за сопствениот бизнис и ќе ја поттикнат инфлацијата.
- Ние секогаш ќе ги штитиме нашите интереси од неоправдани мерки, во согласност со нашите вредности. Тоа време дојде. Ќе дејствуваме за да ги заштитиме нашите економски интереси, ќе ги заштитиме нашите работници, бизниси и потрошувачи. Ова е начин да ги заштитиме европските интереси, но тоа не е сценариото кое го претпочитаме, нагласи Шефчович.
Тој порача дека ЕУ останува посветена на конструктивен дијалог и е подготвена за преговори за изнаоѓање заемно корисни решенија, таму каде што е можно.
- Во ЕУ знаеме дека предизвикувачките времиња бараат повеќе мултилатерално однесување и меѓународна соработка заснована на правила. Ништо помалку. Ова е причината зошто ЕУ останува посветена на трговијата заснована на правила, со ревитализираната Светска трговска организација во нејзината срж, рече Шефчович, порачувајќи дека ЕУ мора да обезбеди системот кој е способен да се справи со денешните итни предизвици.
Според него, трговијата е моторот и суштината на мултилатерализмот, па затоа за ЕУ е особено важно создавањето нови структури за мултилатерална соработка.
- Неодамна претседателката (на ЕК, Урсула) Фон дер Лајен рече дека во ничиј интерес не е да ја нарушува глобалната економија. Значи, ќе ги држиме отворени сите линии на комуникација и можам да ве уверам дека ЕУ е подготвена да се соочи со сите предизвици што ќе ги донесе оваа нова ера на полето на трговијата, нагласи Шефчович.
Тој потенцира дека трговијата не само што им обезбедува на нови можности за извоз на европските бизниси, туку им гарантира и пристап до клучните ресурси за европската економија, имајќи предвид дека две третини од сите ресурси за производство во ЕУ доаѓаат од увоз.
Затоа, според него, ЕУ работиме и на нови прилагодени форми на ангажман што ќе придонесат за зајакнување на глобалната конкурентност на ЕУ.
- Меѓутоа, една работа останува непроменета: Бараме заемно корисни партнерства, базирани на стабилност, правичност и одржливост... Секогаш кога е потребно, ќе ја заштитиме нашата отвореност, нашата индустрија и нашиот единствен пазар, додаде еврокомесарот. сп/
Фото: Икс