• понеделник, 23 декември 2024

Шефот на холандската дипломатија Хукстра кандидат за наследник на Тимерменс во ЕК

Шефот на холандската дипломатија Хукстра кандидат за наследник на Тимерменс во ЕК

Брисел/Хаг, 25 август 2023 (МИА) – Актуелниот холандски министер за надворешни работи Вопке Хукстра ќе биде кандидатот на Холандија за нов член на Европската комисија, откако досегашниот нејзин претставник Франс Тимерманс неделава се повлече од извршното тело на ЕУ за да биде кандидат за премиер на предвремените парламентарни избори во земјата закажани за во ноември.

Како што јави РТЛ Њуз, запрашан да ги коментира информациите за именување на Хукстра за нов член на ЕК, холандскиот премиер Марк Руте синоќа изјави дека Владата во него гледа соодветен наследник на Тимерманс.

- Тој има многу големо искуство во финансиите и надворешните работи, нагласи Руте.

Според холандските медиуми, се очекува Владата на Руте на денешната седница официјално да го номинира Хукстра за нов член на Европската комисија, иако претставник на Министерството за надворешни работи во Хаг изјави дека „тоа се гласини“.

По повлекувањето на Тимерманс, кој беше извршен потпретседател на Европската комисија задолжен за спроведување на Европскиот зелен договор, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на неговата позиција го именува словачкиот еврокомесар Марош Шефчович. Но, според извори во Европската комисија, како што објави „Политико“, сепак не е исклучено Фон дер Лајен да го задолжи Хукстра за спроведување на климатската политика на ЕУ, а Шефчович да ја задржи досегашната позиција на потпретседател на ЕК за меѓуинституционална соработка. 

Хукстра доаѓа од редовите на партијата Христијанско-демократски апел (ЦДА), која е членка на Европската народна партија (ЕПП), чии европратеници водеа жестока борба против Предлог-законот за обнова на природата, предложен од Тимерманс, кој помина во Европскиот парламент со тесно мнозинство.

Оттаму, евентулното именување на Хукстра да раководи со климатската политика на ЕУ, би можела да наиде на противење на социјалдемократите, залените и левицата во ЕП, кои се поддржувачи на досегашната политика на холандскиот лабурист Тимерманс.

Хукстра, кој пред да стане шеф на дипломатијата беше холандски министер за финансии, не важи за човек кому му се блиски еколошките политики, поради што може да се соочи со жестоки критики од блокот левичарски партии во Европскиот парламент, но и од либералната Обнова на Европа, во која водечка сила е партијата Ренесанса на францускиот претседател Емануел Макрон. 

Според претставник на ЕПП, евентуалното именување на Хукстра на должнста поврзана со климатската политика, би нудела реална можност за нови политички разговори околу зелената агенда на ЕУ.

Именувањето на Хукстра ќе го задржи досегашниот родов дисбаланс во Европската комисија во полза на мажите, што може да биде причина и за противење на неговиот избор од страна на застапниците на родовата еднаквост. Од тој аспект, некои холандски медиуми посочуваа дека со цел да се намали родовиот дисбаланс, Холандија би можела за член на Европската комисија да ја предложи актуелната вицепремиерка и министерка за финансии Зигрит Каг, која до средината на месецов беше и лидерка на социјал-либералната партија Демократи 66 (Д66). сп/са/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан