• четврток, 07 ноември 2024

Шефовите на ОН предупредија дека ситуацијата во северниот дел на Газа е апокалиптична

Шефовите на ОН предупредија дека ситуацијата во северниот дел на Газа е апокалиптична

Њујорк, 1 ноември 2024 (МИА) - Ситуацијата на северот на Појасот Газа е апокалиптична, оценија денеска шефовите на Обединетите нации и предупредија дека целото население е во опасност од смрт.

Исто така, додаваат дека целиот регион на Блискиот Исток сега е на работ на бездна и се бара итен прекин на непријателствата.

„Ситуацијата што се развива на северот на Газа е апокалиптична“, се вели во заедничката изјава на шефовите на организациите кои го сочинуваат Меѓуресорниот постојан комитет на ОН.

„Областа е под опсада речиси еден месец, лишена од основна помош и средства за спасување додека продолжуваат бомбардирањата и другите напади. Само во изминатите неколку дена, стотици Палестинци беа убиени, од кои повеќето жени и деца, а илјадници се насилно раселени“, се вели во соопштението, во кое се додава дека „целото палестинско население е во непосредна опасност да умре од болести, глад и насилство“.

Шефовите на агенциите на ОН апелираа до сите страни кои се борат на опколената палестинска територија да ги заштитат цивилите и го повикаа Израел „да го прекине нападот врз Газа и хуманитарците кои се обидуваат да помогнат“.

„Поради ограничувањата на пристапот, хуманитарната помош не може да биде во чекор со обемот на потребите. Основните ресурси, средствата за спасување не се достапни. Хуманитарците не се безбедни во извршувањето на својата работа и се блокирани од израелските сили и несигурни да стигнат до луѓето на кои им треба помош“, се наведува во соопштението.

Дополнително, се оценува дека мора да се овозможи хуманитарна помош и се апелира до сите страни да овозможат непречен пристап до луѓето погодени од ситуацијата на северот на Газа, а болниците да не станат боишта.

Соопштението го потпишаа шефовите на хуманитарните и здравствените организации, агенциите за храна, за правата, миграцијата, бегалците, развојот, како и агенциите за деца и жени.

Во соопштението се заклучува дека „безусловниот прекин на огнот е одамна задоцнет“. паг/

Фото: МИА архива


 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан