• понеделник, 23 декември 2024

„Шетав се рашетав низ нашта земја богата“ - годишен концерт на КУД Дримкол - Вевчани

„Шетав се рашетав низ нашта земја богата“ - годишен концерт на КУД Дримкол - Вевчани

Скопје, 14 мај 2023 (МИА) - КУД „Дримкол“ вечер во Домот на културата во Вевчани ќе го одржи својот годишен концерт што традиционално секоја година се одржува во периодот помеѓу Велигденските празнувања и Педесетница. На концертот ќе учествуваат сите фолклорни ансамбли на друштвото, изворниот и народниот оркестар, пејачката група „Каданка“ преку вокални изведби на нејзини солисти, како и членови на патувачкиот театар од Вевчани.

- Годишниот концерт за нас претставува голем настан, бидејќи се случува во Вевчани и пред нашите Вевчанци кои секогаш со восхит не следат и поддржуваат. Но, нивните очекувања од нас секоја година се поголеми, па токму затоа годишниот концерт на Дримкол е и голема одговорност. Оваа година темата на концертот е убавината на нашата земја, односно презентација на се што е убаво преку игра, песна, видео проекции како и преку дијалог на мајката и ќерката кои одлучиле да се рашетаат низ нашта земја богата, изјави Наташа Кукоска, етнолог, дел од уметничкиот совет на друштвото.

Поради големиот интерес кај публиката за овој културен настан, КУД „Дримкол“ одржува по два концерта, со почеток во 18:00 и 20:00 часот. 

Оваа година концертот е поддржан од Министерството за култура како проект од национален интерес. сс/мч/

фото: КУД Дримкол

Остани поврзан