• понеделник, 23 декември 2024

Шест од најчудните појави во Вселената

Шест од најчудните појави во Вселената
Хјустон, 1 февруари 2021 (МИА) - Универзумот е исполнет со најразлични појави, од коишто само некои се откриени од човекот, а бесконечно многу допрва треба да се откријат. Следуваат неколку кои само покажуваат колку е бесконечна Вселената.
  1. Најголемиот ураган во Сончевиот Систем
Оваа Голема Црвена Дамка на Јупитер е, всушност, непрестајна бура, вртлог со висок притисок, за кој се знае дека е стотици пати поголем и помоќен од оние на Земјата.
  1. Најголемото водено тело во Вселената
Најголемото водено тело во универзумот е откриено 2011 година. Опкружува едно друго, т.н. квази-ѕвездено тело (квазар). Станува збор за моќна црна дупка именувана како „АПМ 08279+5255“, што е оддалечена околу 12 милијарди светлосни години од Земјата и, според интернет-страницата „Квиз-клаб“, е 20 милијарди пати помоќна од Сонцето. Водата, т.е. пареата што ја опкружува црната дупка е во агрегатна состојба на гас.
  1. Уште една џиновска црна дупка
Квазарот „J-0100+2802“, најобемната и најголемата црна дупка што научниците некогаш ја откриле е забележан 2015 година. Неговата маса е 12 милиони пати поголема од Сонцето и е околу 420 милијарди пати помоќен и „посјаен“ (со поголема светлосна енергија) од нашата ѕвезда.
  1. Дијамантската планета „55 Канкри“
Се работи за планета од нашиот Млечен Пат, од соѕвездието Рак, за којашто се верува дека е околу една третина дијамант. Првпат откриена 2004 година, „55 Канкри“ е двапати поголема од Земјата и со осум пати поголема маса. Иако оваа планета е непогодна за живот, се проценува дека има вредност од 26,9 нонилиони долари (со 30 нули).
  1. Облакот „Стрелец Б2“
Станува збор за огромен молекуларен облак од гас и, најверојатно, мириса на малина и рум. Односно, науката претпоставува дека ова тело содржи огромни количества етил формат, кои му го даваат тој мирис. Всушност, „Стрелец Б2“ содржи милијарди литри алкохол, што би било доволно за производство на најмалку 400 трилиони литри пиво!
  1. Планетата со „врел мраз“
Планетата „Глисе 436-б“ е првпат откриена 2004 година. Феноменот тука е тоа што ова тело содржи вода во облик на т.н. „мраз-Х“. Освен тоа, планетата има прилично високи температури - од над 250 Целзиусови степени. Но, и покрај тоа, екстремните гравитациски сили, како и надворешниот слој на планетата составен од хелиум и водород - ја држат таа вода во цврста агрегатна состојба. Гравитацијата спречува испарување на течните молекули со компресија на водата, слично на начинот на којшто дијаманти се формираат од јаглерод. си/гт/

Остани поврзан