• среда, 25 декември 2024

Шест иницијативи на денешната седница на Уставен суд

Шест иницијативи на денешната седница на Уставен суд

Скопје, 12 октомври 2023 (МИА) - На дневен ред на денешната седница на Уставниот суд се шест иницијативи.

Како што информираат од Судот, на седницата ќе се дебатира по иницијативата поднесена од Славко Лазовски со која се оспорени член 2 точка 1 и член 36 став 1 од Законот за катастар на недвижности.

Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби се спротивни на членовите 8, 33, 51, 114, 115 од Уставот, како и се во спротивност со Законот за општата управна постапка, Законот за даночна постапка, Законот за Управата за приходи, Законот за буџетите, Законот за локалната самоуправа.  Подносителот смета дека се спорни одредбите затоа што на даночното тело на централно ниво му даваат податоци без надоместок, додека на локално ниво се бара надоместок иако се работи за исти податоци и иста цел-собирање на јавни приходи. 

На дневен ред на седницата е иницијативата поднесена од  Игорчо Точев, со која е оспорен делот „членот 14 од“ од член 48 став 1 точка в) од Законот за градежни производи. Со оспорената одредба во конкретниот дел се упатува на примена на норма која не е дел од правниот промет. 

На сеницата ќе биде разгледана и иницијативата поднесена од Бојан Трпевски, со која е оспорен член 28 од Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот член не е во согласност со Законот за возила и Законот за организација и работа на органите на државната управа бидејќи во Законот се уредени случаите кога се издаваат регистарски таблици, а таму не е наведена ситуација како што е во оспорената одредба од Правилникот. Подносителот наведува дека министерот за внатрешни работи нема овластување да носи ваков Правилник за прашање кое треба да се уреди со закон и дополнително оспорениот член има повратно дејство, што е во спротивност со членот 52 став 4 од Уставот.

На дневен ред на седницата исто така е и иницијативата поднесена од Игорчо Точев, со која е оспорен Правилникот за случаите во кои се спроведува ПИЦ постапката и содржината на барањето за спроведување на постапката бр.15-3263/1 од 16.06.2021г и Правилникот за начинот на кој се врши процената на безбедноста на хемикалијата и содржината на извештајот на безбедноста на хемикалијата бр.15-3264/1 од 16.06.2011гoдина.

Подносителот во иницијативата наведува дека од содржината на одредбата произлегува дека овластувањето за донесување на подзаконскиот акт со кој во подробности се разработува Законот за хемикалии во однос на наведената одредба се донесува од страна на директорот на Агенцијата за лекови. Се наведува дека не постои овластување на министерот за здравство да го донесе подзаконскиот акт кој не е усогласен со владеењето на правото. 

Судиите ќе дебатираат и по иницијативата со која е оспорен Правилникот за количини на семенски и саден материјал од сорти на земјоделски растенија кои не ги исполнуваат условите за трговија, а се наменети за научни цели, селекција, официјално испитување или за инспекциски надзор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.84/23), како и по иницијативата со која е оспорена Одлуката бр.08-1317/1 од 30.06.2023 година за усвојување на барање за одобрување на финансиска помош на заедница на сопственици на посебни делови на станбена зграда Кула 2 на улица „Самоилова“. дма/нд/

Фото. МИА архива

Остани поврзан