• понеделник, 23 декември 2024

Шестмина од дестмината обвинети за нападите во Брисел во 2016 прогласени за виновни

Шестмина од дестмината обвинети за нападите во Брисел во 2016 прогласени за виновни

Брисел, 25 јули 2023 (МИА) – Поротата на Судот во Брисел вечерва ги прогласи за виновни шестмина од дестмината обвинети за терористичките напади на бриселскиот аеродром Завентем и метро станицата Малбек на 22 март 2016 година, при што загинаа 32 лица, а речиси 900 беа ранети или претрпеа сериозни психички трауми.

Останатите четворица обвинети беа ослободени од обвиненијата.

Поротата ги прогласи за виновни Осама Атар, Мохамед Абрини, Осама Крајем, Салах Абдеслам, Али Ел Хадад Асуфи и Билал Ек Махуки по обвиненијата за учество во активности на терористичка група, како и за убиство на најмалку 32 лица и за обид за убиство на уште 695 лица при терористички напад.

За истите дела беа обвинети и Софиен Ајари, Ерве Бајингана Мухирва и Смаил Фариси кои се ослободени од обвинувањата, како и Ибрахим Фариси кој беше обвинет само за учество во активности на терористичка група.

Еден од прогласените за виновен, Осама Атар се води како исчезнат и се претпоставува дека е убиен во Сирија.

Од друга страна, Салах Абдеслам веќе отслужува доживотна затворска казна без можност за условно ослободување во Франција за неговата улога во терористичките напади во Париз во 2015 година. Неговата одбрана побара тој да биде ослободен од обвиненија за убиство и за обид за убиство при терористички напад, но барањето беше одбиено.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, изрекувањето на пресудата за нападите во Брисел, која 12-члената порота ја донесе вчера по 18 дена заседавање, почна околу 19 часот, по неколкучасовно одложување. Првично тоа беше најавено за 14:30 часот, потоа одложено за 16:30, за на крајот да биде пролонгирано за вечерва.

Судскиот процес за нападот, за кој одговорност презеде терористичката група Исламска држава, започна лани во декември. сп/

 

Остани поврзан