• среда, 27 ноември 2024

Шерман: САД нема да разговараат со Москва за безбедноста на Европа без сојузниците

Шерман: САД нема да разговараат со Москва за безбедноста на Европа без сојузниците
Женева, 10 јануари 2022 (МИА) - На денешниот состанок на билатералниот дијалог за стратешка стабилност со Русија, САД ќе ги сослушаат ставовите на Русија и ќе ги претстават своите, но нема да разговараат за безбедноста на Европа без своите сојузници и партнери, објави денеска на Твитер заменик-државниот секретар на САД, Венди Шерман, со фотографија од почетокот на средбата со заменик-шефот на руската дипломатија Сергеј Рјабков.
Разговорите меѓу руската и американската делегација се водат во Постојаната мисија на САД во Женева.
Претходно денеска Рјабков изјави дека позицијата на Москва е непоколеблива и дека нема да прави никакви отстапки под притисок и дека САД мора да бидат подготвени на компромис, пренесе руската агенција ТАСС.
Руско-американските разговори за безбедносните гаранции беа предложени од Москва, која претходно достави нацрт документи за безбедност до Вашингтон и НАТО, барајќи од Алијансата да не ги прима Украина и другите земји кои некогаш беа дел од СССР и да се откаже од распоредувањето сили и воена опрема во Централна и Источна Европа.
Портпаролот на Белата куќа изјави дека Вашингтон и Москва на 10 јануари ќе разговараат за тензиите поради Украина и контролата на нуклеарното оружје, по што на 12 јануари ќе следи средба Русија-НАТО, а на 13 јануари Русија и ОБСЕ. паг/
 

Остани поврзан