Шекеринска смета дека има добра шанса за фер кампања, за Николоски стартот е лош
- Кампањата за избори ќе биде валкана, но искуството од претседателските избори кои беа во позитивна атмосфера во однос на тие од 2014-та се добра шанса за демократска, фер и позитивна кампања,
Скопје, 19 февруари 2020 (МИА) – Кампањата за избори ќе биде валкана, но искуството од претседателските избори кои беа во позитивна атмосфера во однос на тие од 2014-та се добра шанса за демократска, фер и позитивна кампања, смета заменик-претседателката на СДСМ и министер за одбрана Радмила Шекеринска. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски, пак, оцени дека стартот е многу лош зашто се дерогира моделот на Пржинска (техничка) влада.
-Ќе имаме тешки избори, кои ќе бидат далеку од фер и регуларни, но и во такви услови ние сме убедени дека ќе добиеме поддршка од граѓаните, дека ќе победиме и ќе ја формираме следната влада. Во кампањата ќе зборуваме само за криминал и она што го тишти народот, а тоа е изгубеното национално достоинство и нарушената економија. Во однос на кандидатурите, правиме анализи кои очекуваме да завршат следната недела. Можам да најавам дека ќе имаме далеку поголема коалиција од претходно, а доаѓаат и нови политички партии со кои разговараме овие денови, рече Николовски во гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.
Шекеринска најави дека листите за пратеници што ќе ги предложат ќе покажат колку државата се менува и ќе бидат застапени и мажи и жени.
- Нема да ја имаме машката политика на ВМРО-ДПМНЕ. Во листите ќе бидат претставници на сите етнички заедници. И многу ќе зборуваме за корупцијата, и за криминалот, и за оној што се откри, и за оној што сè уште не е откриен, а ќе зборуваме многу и за економијата. Дискутираме со широк круг партии, мислам дека повторно ќе имаме голема коалиција како и претходните пати, рече Шекеринска.
Лошиот старт на кампањата, според Николоски, е поради „сериозни индиции од терен за нудење поткуп на гласачи“, а удари на кредибилитетот на изборниот процес, како што рече, се разрешувањето на министерката Мизрахи, илјадниците вработувања откако е формирана техничката влада и неможноста на министерот за внатрешни работи да направи поместувања по хоризонтала зашто Владата ги укинала.
-Можеби не треба да се плашиме од валкана кампања, но можеби треба да се плашиме од кампања во која ВМРО-ДПМНЕ секојдневно ќе си прибележува по едно алиби за пораз. Да се жалите со информации за потпуп кога имате министер за внатрешни работи не е дел од сериозна дискусија, рече Шекеринска, додавајќи и дека ВМРО-ДПМНЕ имала целосна слобода да предложи повторно министер.
Во однос на зачленувањето во НАТО, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека прашањето е цената со кое тоа е платено. -Преспанскиот договор е нешто што не ѝ носи добро ниту на Македонија, ниту на македонскиот народ, рече Николоски.
Според Шекеринска, ВМРО-ДПМНЕ го покажала своето антизападно и анти НАТО лице, и во минатите две години, рече, опозициската партија направила сè за да го спречи членството во НАТО.
-Кога сметате дека Преспанскиот не носи ништо добро, тогаш и НАТО-членството, кое со пола уста го поздравивте, не носи добро на државата. Не е во ред за најголемите, најсуштинските и најстратешки прашања опозицијата да води ситна политика, рече Шекеринска, додавајќи дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ немаат проблем со името Северна Македонија за плаќање трошоци на сметка од Собранието, а им пречи само кога треба да гласа за законот за одбрана.
Во полемиката за судските процеси и за потеклото на имот, Шекеринска го повика ВМРО-ДПМНЕ да ги предаде во ЈО сите докази за кои тврди дека постојат. Во однос на случајот „Талир“ рече дека за две години не е одржано ни едно рочиште поради постојаното одлагање на барање од одбраната кое, рече, е „резултат на барања, врски и конци на ВМРО-ДПМНЕ во судството“.
На прашањето зошто е ВМРО-ДПМНЕ во минус од осум милиони евра, Николоски одговори дека е поради банкарски кредити и најчесто е направен пред партијата да ја презеде сегашното раководство. хс/вг/