• сабота, 09 ноември 2024

Шекеринска: Ова е последна опомена за Ковачки, на политиката не и е место во армијата

Шекеринска: Ова е последна опомена за Ковачки, на политиката не и е место во армијата
Скопје, 13 март 2021 (МИА) - Навистина е срамно кога офицер во една армија може да си дозволи да испраќа пораки со закана до кој било, а камоли на началник на Генералштабот, првиот човек во Армијата, особено кога тие закани го претставуваат Ковачки со вистинската слика, како партиски војник.  Да пишете, „долга е раката на ВМРО“ од еден старешина на друг старешина, би било срамно дури и на пониско ниво, а камоли од еден полковник на еден генерал и началник, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со дисциплинската мерка која е преземена против него. Шекеринска, која денеска изврши обиколка на реновираниот објект на армиската Гарда и на Баталјонот за поддршка на Генералштабот и гарнизонот Скопје во касарната „Илинден“ додаде дека полковникот Ковачки има проблем да разбере и да реши дали ќе ја носи партиската униформа со која што дава закани или ќе продолжи да ја носи војничката униформа. -Тој покажува и големи познавања на законот што можеби по законот што се однесува на неговата служба во Армијата, што можеби и не треба да не чуди, бидејќи дозволи да го пуштат низ вода како кандидат на една функција која согласно Уставот немаше да може да ја врши. Сега повторно покажува непознавање, дека според законот, точно е познато кој и какви одлуки може да носи, изјави Шекеринска. Министерката за одбрана истакна дека воено дисциплинската комисија на Армијата која што е централна единица за вакви случаи, до неа доставила предлог во кој се вели дека треба да го изгуби чинот и работата. -И најверојатно во многу држави кога еден полковник ќе му се заканува на началникот на Генералштабот  и тоа со силен партиски речник тоа и би требало да се случи. Меѓутоа сметав дека тоа само ќе му даде шанса на истиов човек што година дена се прави жртва да продолжи тоа да го прави, додаде Шекеринска. Таа истакна дека најголемата осуда не се дисциплинските казни со пари, најголемата осуда е срамот пред очите на јавноста, дека еден офицер покажал дека не ги почитува ниту еден од  офицерските принципи. -Се заканувал на свој претпоставен, користел целосен партиски речник претставувајќи се како партиски војник, каков што игра веќе една година  и на крајот последниот принцип, кога ќе згрешиш и ќе бидеш финансиски казнет со дел од плата е да не плачеш, да не се жалиш, заради тоа што не му доликува на офицер на било која армија, најмалку на офицер на македонската армија, вели министерката за одбрана. Таа смета дека ова треба да биде последна опомена, а на политиката не и е место во армијата. Во однос на тужбите за заканите за судски процеси, Шекеринска истакна дека  освен што покажува тенденција кон плачење, покажува и тенденција кон незнаење на законот. На случајот со Ковачки се осврна и началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиновски. -Се работи за непримерен, недостоинствен и несоодветен настан на потчитен кон претпоставен. Инаку, јас сум горд што предводам институција, Армија на Република Северна Македонија, која има највисок рејтинг во општеството и во нашата армија постојат принципи ред, работа и поредок, хиерархија, субординација, старешинство. Ја користам оваа прилика, кои и да се тие што го поддржуваат и оправдуваат настанот, да поразговараат со повозрасни лица кои биле во изминативе три декади припадници на Армијата, дали некаде постои потчинет на претпоставен да се заканува и да наметнува лични ставови, уцени, закани, омаловажувања, изјави началникот на Генералштабот,  Васко Ѓурчиновски. Тој додаде дека Ковачки треба да е благодарен што и понатаму останува да работи, а секој треба да се препознае и да се најде во системот каде што функционираат јасни и конкретни принципи и нема да дозволи армијата да биде вклучена во партиски настани. Како што објави МИА вчера полковникот Ковачки е казнет на шест месеци по 30 отсто од плата поради закана кон началникот на ГШ, генерал-потполковик Ѓурчиновски. „Долга е раката на ВМРО“ е заканата на полковникот Ковачки, кој е и член на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, кон началникот Ѓурчиновски преку вибер комуникација на која покрај заканата, клеветел и обвинувал, информираа од МО и ГШ на Армијата за МИА. Наведуваат дека Ковачки добил дисциплинска мерка шест месеци пониска плата за 30 отсто. Главната военодисциплинска комисија предложила најстрога дисциплинска мерка – губење чин, која предвидува престанок на работниот однос, на што министерката Шекеринска, водејќи се по начелото на сразмерност на казната со вината, ја оценила оваа мерка за престрога, се наведува во одговорот на МО и ГШ за МИА. Ковачки вчера најави дека ќе ја тужи Шекеринска за злоупотреба на службената должност. ки/ац/

Остани поврзан