• вторник, 24 декември 2024

Шекеринска во Рига: Се разгледуваат можностите за учество во борбената група на Алијансата во Латвија

Шекеринска во Рига: Се разгледуваат можностите за учество во борбената група на Алијансата во Латвија

Скопје, 7 јули 2021 (МИА) - Можностите за вклучување на Северна Македонија во т.н. „Зајакнато истурено присуство“ на Алијансата во Латвија, во рамки на словенечкиот контингент, била една од темите на која денеска во Рига разговарале министрите за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, на Словенија, Матеј Тонин, и на Црна Гора, Оливера Ињац, во рамки на работната посета чиј домаќин бил министерот за одбрана на Латвија, Артис Пабрикс.

- Северна Македонија како посветен и НАТО сојузник, целосно ги поддржува вредностите на Алијансата и цврсто верува во столбот на НАТО – колективната одбрана и подготвеноста заеднички да се гарантира мирот и стабилноста на целата евроатлантска област, рекла министерката Шекеринска при посетата на воената база Адаџа, каде тројцата министри извршиле обиколка и имале средби со војниците и командната структура.

Како што соопштија од МО, Шекеринска истакнала дека присуството на тројцата министри од регионот, на северот на Европа, испраќа моќна порака на сојузништво и солидарност во Алијансата.

Таа порачала дека Армијата со учеството во мисијата КФОР во Косово веќе дава свој значаен придонес кон регионалната стабилност, но и оти постои подготвеност заедно со Словенија и со Црна Гора да преземеме дел од одговорностите и во рамки на борбената група на Алијансата во Латвија.

- Одличното досегашно искуство во заедничките регионални процеси, како и заедничкиот регионален придонес во мисиите ИСАФ и ’Одлучна поддршка’ во Авганистан, се доказ дека балканските земји – сојузници во НАТО функционираат одлично во заеднички контингенти и дека бенефит од ова заедничко учество би имале и трите држави од регионот, но и целата Алијанса, рекла министерката Шекеринска.

Додала дека Северна Македонија, Црна Гора и Словенија имаат одлична меѓусебна билатерална соработка која го отвори патот за заеднички придонес и во „Зајакнато истурено присуство“. цр/лв/

Остани поврзан