Шведски премиер: Орбан можеби зборува во име на Русија, но не и во име на европските земји
- Унгарија го повика шведскиот амбасадор на разговор откако шведскиот премиер Улф Кристерсон ја критикуваше посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Грузија претходно оваа недела, соопшти денеска Министерството за надворешни работи во Будимпешта.
Будимешта, 30 октомври 2024 (МИА) – Унгарија го повика шведскиот амбасадор на разговор откако шведскиот премиер Улф Кристерсон ја критикуваше посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Грузија претходно оваа недела, соопшти денеска Министерството за надворешни работи во Будимпешта.
Посетата на Орбан, која се одржа веднаш по спорните парламентарни избори во Грузија, наиде на критики од некои од унгарските партнери во Европската унија и НАТО.
Грузиските опозициски партии тврдат дека изборите на кои победи владејачката партија биле наместени, а државните обвинители денеска соопштија дека почнале истрага за наводите.
Орбан вчера во Тбилиси изјави дека изборите во Грузија биле слободни и демократски.
Како реакција на изјавата на Орбан, Кристерсон за шведската новинска агенција ТТ изјави дека унгарскиот лидер не зборува во име на Шведска или други европски земји, туку дека „можеби зборува во име на Русија“.
Портпаролката на шведското Министерство за надворешни работи потврди дека амбасадорот бил повикан во унгарското МНР.
- Имаме постојани контакти со Унгарија во рамките на нашите билатерални односи. Билатералниот дијалог е важен и природен дел од односите, рече таа, без да даде детали. јт/