• среда, 27 ноември 2024

Шведската Влада бара поголема надлежност во борба против коронавирусот

Шведската Влада бара поголема надлежност во борба против коронавирусот
Стокхолм, 6 април 2020 (МИА) – Владата на Шведска бара да располага со поголема извршна моќ, вклучувајќи и надлежност да ги затвори аеродромите и железничките станици, без согласност од Парламентот, во борбата против коронавирусот, изјави шведската министерка за здравство Лена Халенгрен. - Гледаме колку брзо може да се измени ситуацијата во Шведска и Европа и имаме потреба од поголеми надлежности за да можеме да одговориме доколку ситуацијата го бара тоа, изјави Халенгрен. Засега мерките во Шведска за борба против коронавирусот не се ригорозни како во другите европски земји. Швеѓаните можат да посетуваат ресторани, спортски сали, а училиштата и универзитетите се отворени, но забранети се собири на повеќе од 50 лица на едно место и има забрана за посета на домови за стари лица. Владата на Шведска, предводена од социјалдемократите, истакна дека нема законски мандат остро да реагира на пандемијата, од која досега починаа повеќе од 400 луѓе во земјата. Од владиниот кабинет соопшуваат дека Парламентот ќе има можност да одобри какви било рестриктивни мерки, кои нема да вклучуваат вонредна состојба. Шведската Влада настојува да добие од пратениците дополнителни овластувања на три месеци, но засега не е познато кога тоа ќе се случи. ки/гт/

Остани поврзан