• недела, 24 ноември 2024

Шаленбер: ОБСЕ е Организација со 57 земји членки на еднакво рамниште, потребна ни е оваа платформа за дијалог

Шаленбер: ОБСЕ е Организација со 57 земји членки на еднакво рамниште,  потребна ни е оваа платформа за дијалог

Скопје, 30 ноември 2023 (МИА) – ОБСЕ е Организација со 57 земји членки на еднакво рамниште и верувам дека сме добро советувани да ги чуваме правилата, договорени пред повеќе декади и да се однесуваме еднакво кон сите, изјави австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг, на пристигнувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. 

Во однос на откажаните присуства на некои од делегациите поради рускиот министер Сергеј Лавров, Шаленберг рече дека целосно ги разбира, но и дека верува дека ова е организација што ни е потребна за дијалог. 

-Целосно ги разбирам, особено украинските пријатели кои одлучија да не присуствуваат, но верувам дека ова е се уште Организација што ни е потребна, не само за односите кои се особено тешки со Русија, но и за централна Азија и Јужен Кавказ. Затоа, потреба ни е оваа платформа за дијалог и ако ја гледате состојбата на глобалните односи верувам дека во иднина, потребата од ОБСЕ ќе биде се поголема, а не помала, изјави Шаленберг.

Шаленберг, во изјава за австриските медиуми пред денешниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје, апелираше до сите држави членки да дадат конкретен придонеси за зајакнување на Организацијата, оценувајќи дека ОБСЕ во моментов е на „апарати за преживување“ и затоа очекува поголема посветеност од сите држави за одржување на ОБСЕ.

- Последните случувања го доведоа ОБСЕ до критична точка: руската воена агресија против Украина не само што ги прекрши основните принципи на европската безбедност, туку и го разниша безбедносниот поредок во следните децении. Очекувам дела, не само со зборови. Мојот апел е: да ја собереме сета своја политичка храброст и да го заштитиме ОБСЕ од одведување во безначајност. Австрија како земја домаќин, се чувствува особено посветена на организацијата. Ја знаеме нејзината вредност. Тоа е единствената организација во која државите од двете страни на Атлантикот, од Јужен Кавказ до Централна Азија, седат на иста маса и разговараат за регионалната безбедност. Различноста на ОБСЕ некогаш беше основната идеја зад нејзиното основање и не треба да се гледа како слабост, вели Шаленберг.

Учеството на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Министерскиот совет во Скопје, за Шаленберг е можност за соочување со агресорот наместо да се избегнува конфронтација. Западните земји, според него, не треба да се плашат од интеракција со Русија.

- Ние како Запад не смееме да се плашиме да седнеме на маса со Русите. Ова е класичен мултилатерализам во најдобра смисла. Сметам дека тенденцијата да се навлегува во сопствените ехо комори во надворешната политика е крајно опасна, истакна шефот на австриската дипломатија и потсети на основачката идеја на организацијата да биде колективен одговор на опасноста од Студената војна. аа/ац/

Фото: МИА

 

Остани поврзан