• среда, 25 декември 2024

Чулев: По 25 години во служба на татковината не сум дел од безбедносниот систем

Чулев: По 25 години во служба на татковината не сум дел од безбедносниот систем
Скопје, 26 јули 2022 Тоа што за сите нас е патриотизам за оваа предавничка власт е екстремизам и радикализам. Хибридниот режим предводен од СДСМ со сета сила ја уништува државата, удира по професионалците, се обидува да ги демотивира патриотите и ги партизира институциите. По повеќе од 25 години поминати во служба на татковината и граѓаните на Македонија, не по моја вина, на мое жалење повеќе не сум дел од безбедносниот систем. Криминалниот режим кој ја предводи власта и за жал ја води државата со сета сила удри и по мене и по мојот професионален интегритет. Јас сум човек – професионалец кој својата кариера ја градел чекор по чекор, почнувајќи од најниското скалило во службата. Сите овие години бев во првите редови на одбраната на уставниот поредок, територијалниот суверенитет и интегритет и безбедноста и интересите на Македонија. Ја сакам државата и придонесував за неа. Учествував и во многу операции за поддршка на меѓународната безбедност за што имам добиено награди и признанија како од неколку поранешни директори на матичната институција и претседателот на државата, така и од меѓународни партнери. Тоа што за сите нас е патриотизам и љубов кон татковината, оваа предавничка власт сега го стигматизира како македонски екстремизам и радикализам, а македонските патриоти, преку креирање на перфиден систем на лажни и фабрикувани информации континуирано ги елиминира од безбедносниот систем. На тој начин, смислено и со план ги ослабнуваат капацитетите на државата и ја доведуваат во подредена положба. Во изминатиот период во неколку наврати испратив јасна порака и денес повторно и недвосмислено повторно го правам тоа. Политичкиот прогон, сите притисоци, закани и уцени кон мене и другите припадници на безбедносната заедница нема да вродат со плод. Ние и понатаму ќе бидеме со полн капацитет во одбрана на Македонија и македонските интереси, а сите оние кои постапуваат незаконски ќе одговараат за тоа пред надлежните институции. Јас и понатаму ќе бидат истиот Наќе Чулев – човекот кој неизмерно ја сака својата држава и професионално ќе придонесува за нејзиниот напредок и развој. Нека ни е вечна Македонија. Наќе Чулев, поранешен министер за внатрешни работи и поранешен директор во Агенција за разузнавање - Фејсбук статус  ___________________________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан