• сабота, 23 ноември 2024

Членовите на израелскиот Воен кабинет најавија дека нема да застанат до целосната победа

Членовите на израелскиот Воен кабинет најавија дека нема да застанат до целосната победа

Тел Авив, 23 јануари 2024 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галант и третиот член на израелскиот воен кабинет, Бени Ганц, денеска објавија заедничка видео изјава во која наведуваат дека војната ќе продолжи со полна сила и покрај вчерашната смрт на 24 војници .

-Се поклонуваме во знак на сеќавање на нашите загинати, а, сепак, ни за момент не престануваме да се стремиме кон незаменливата цел да постигнеме целосна победа. Ќе се бориме заедно и ќе победиме заедно, рече Нетанјаху.

„Продолжуваме во овој момент во духот на загинатите да ја завршиме задачата и да правиме се што е потребно. Нашите сили се длабоко на непријателска територија, во Кан Јунис“, рече министерот за одбрана, оценувајќи дека загубата на 24 војници, вклучително и на 21 резервист, е „тежок удар.

Осврнувајќи се на северната граница со Либан, Галант кажа дека се што се случува таму се следи и дека либанскиот „Хезболах продолжува да провоцира“, но дека Израел е подготвен, дека не сака војна, но е подготвен на секоја ситуација во таа дел од земјата.

-Утрово сите наши срца се скршени во лицето на паднатите и нивните семејства, рече Ганц, поранешен началник на Генералштабот, алудирајќи на смртта на војниците во Појасот Газа и додавајќи дека задачата за која паднале допрва треба да се исполни, за да се обезбеди безбедноста на Израел, израелските деца и иднината на земјата.

Најави дека тоа ќе се направи заедно и дека не се сомнева дека починатите ќе очекуваат продолжение.

Дваесет и четири израелски војници беа убиени вчера во Газа, што е најголем број на израелски воени жртви во еден ден за време на тримесечната војна.

Портпаролот на израелската војска изјави дека 21 војник загинал кога две згради, во кои биле поставени мини, се урнале кога екстремистите испукале гранати врз тенк во близина.

Во локалните медиуми беше објавено дека експлозивот што го поставиле војниците бил предвреме активиран.

Претходно армијата објави дека тројца војници загинале во одделен напад во Газа.

Израелскиот претседател Исак Херцог рече дека утрото денеска било „неподносливо тешко“ , а Нетанјаху најави продолжување на борбата во Газа до „апсолутна победа“, во време кога се зголемува притисокот врз неговата влада да воспостави прекин на огнот во војната против Хамас. сд/

фото:ИДФ 

Остани поврзан