Четврица Палестинци загинаа, а 12 се ранети, во ноќешните израелски воени рации на Западниот брег
- Во палестинскиот бегалски камп Џенин, каде што членовите на Исламскиот џихад се судрија со војниците кои влегоа во придружба на булдожери, загинаа тројца Палестинци, соопшти екстремистичката организација. Меѓу убиените е и еден од командантите на организацијата, јавуваат израелските медиуми.
Ерусалим, 27 октомври 2023 (МИА) - Четворица Палестинци се убиени, а најмалку 12 други се ранети во синоќешните напади на израелската војска на окупираниот Западен Брег, јави палестинската новинска агенција Вафа.
Во палестинскиот бегалски камп Џенин, каде што членовите на Исламскиот џихад се судрија со војниците кои влегоа во придружба на булдожери, загинаа тројца Палестинци, соопшти екстремистичката организација.
Меѓу убиените е и еден од командантите на организацијата, јавуваат израелските медиуми.
Уште еден Палестинец е убиен во Калкилија. Околностите за неговото убиство се уште не се познати.
Во рацијата во Наблус ранети се четворица Палестинци.
Во гореспоменатите три града е доведена во прашање контролата на палестинските власти и тие се во фокусот на израелските напади.
Од почетокот на војната меѓу Израел и исламскиот екстремистички Хамас, кој владее со друга палестинска територија, појасот Газа, на 7 октомври, повеќе од 100 Палестинци се убиени во судирите со израелските војници за време на рациите и нападите на еврејските доселеници.
Судирите на Западниот Брег беа честа појава и пред почетокот на таа војна. сд/
фото: МИА архива