Честит Рамазан Бајрам посакаа МД „Илинден“ и МАЕИ
- По повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, честитки до верниците упатија македонското друштво „Илинден“-Тирана и македонската партија, Македонска алијанса за европска и интеграција, МАЕИ.

Дебар, 30 март 2025 (МИА) - По повод големиот муслимански празник Рамазан Бајрам, честитки до верниците упатија македонското друштво „Илинден“-Тирана и македонската партија, Македонска алијанса за европска и интеграција, МАЕИ.
- Почитувани верници со исламска вероисповед во Албанија, во нашата матична земја Македонија и во целиот свет, честитки по повод големиот празник Рамазан(Фитер) Бајрам. Нека е честит и вековит. Празникот е ден на радост, на семејни и пријателски собирања и дружби, асоцира на веселба, на среќни луѓе. Нека биде така и овој и сите други празници, да го славиме во слога, мир и соживот, стои во честитката потпишана од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај и Фатри Фетаху, координатор на друштвото за Голо Брдо.
Помеѓу луѓето, се додава, постојано да владее слога и почитување без разлика на религиската, верската, или каква било друга определба.
Лидерот на единствената македонска партија во Албанија, МАЕИ, Васил Стерјовски, посакува празничните денови да минат во среќа, радост и хармонија.
-Од мое лично име и од име на партијата посакувам овие денови на големиот празник кај секого да ги потврдат вредностите на слогата, толеранцијата и духовниот напредок и сите заедно да имаме спокоен и среќен живот. Убедени сме дека пораката на големиот празник уште еднаш ќе потврди дека со заеднички напори можеме да одговориме на предизвиците со кои се соочува современиот свет и сите заедно ќе бидеме добар пример за идните генерации, стои во честитката.
Посакуваме, се посочува, да „продолжи традицијата на заедничко одбележување на празниците на различните верски заедници, како столб на градење на соживотот“. вт/дма/
Фото: Лого