• среда, 27 ноември 2024

Честитка од претседателот Пендаровски по повод католички Велигден

Честитка од претседателот Пендаровски по повод католички Велигден

Скопје, 31 март 2024 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епарх струмичко-скопски, и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.

-Дозволете ми на сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар да им го честитам најголемиот христијански празник со поздравот – Христос воскресна! Во овој поздрав е сублимирана сржта на христијанската вера дека Бог во Исус Христос целосно се поистовети со страдањата на луѓето, ја плати цената за отуѓеноста на човештвото и со тоа започна да го обновува светот, се посочува во честитката.

Иако не е лесно да се препознаат во време на кризи и на конфликти, сепак, контурите на оваа обнова се исцртани со секој чин на солидарност кон најранливите меѓу нас.

-Обновата е присутна во спротивставувањето на структурните причини за сиромаштијата, нееднаквоста и неправдата, во заложбите за мир, социјална правда и заштита на природата. Овие индивидуални и заеднички подвизи се слика за тоа какво може да ни биде општеството доколку добрината стане наша врвна вредност. Нека овој празник нѐ поттикне, следејќи го Христовиот пример, активно да учествуваме во изградбата на праведно и хумано македонско општество со јасни морални вертикали, а со тоа и во обновата на надежта, стои во честитката од претседателот Пендаровски. вг/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан