• вторник, 24 декември 2024

Честитка од министерот Спасовски по повод Меѓународниот ден на Ромите

Честитка од министерот Спасовски по повод Меѓународниот ден на Ромите
Скопје, 8 април 2022 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски лично и во име на МВР на граѓаните од ромската етничка заедница им го честита 8 Април ‒ Меѓународниот ден на Ромите, прогласен на Светскиот ромски конгрес од 1990 година, а во чест на Првиот светски ромски конгрес од 1971 година, кога се потврдиле универзалните обележја на ромскиот народ и ромското движење, воопшто, преку утврдување на знамето, химната, јазикот и културата. - Ромите во Република Северна Македонија како едни од најлојалните и најмирољубивите граѓани, отсекогаш биле и ќе бидат неизоставен дел од нашата државност, составен дел од мултиетничкиот мозаик во кој се вградени заедно со сите други етнички заедници, а кој е темел на нашиот концепт „Едно општество за сите”, со кој го гарантираме спроведувањето на неотуѓивите човекови права, напишна министерот Спасовски на неговиот фејсбук профил. Придонесот на ромската заедница кон општеството, преку институционален или, пак, граѓански пристап, пишува Спасовски, ја заслужува почитта од секој еден. - Вредни, лојални и пожртвувани, Ромите даваат огромен придонес како дел од полицијата, армијата, дипломатијата, здравствените и образовните институции, граѓанскиот сектор. Продолжуваме заедно како и досега, свесни за предизвиците и потребите на Ромите во нашата држава, да ја унапредуваме интеграцијата, обезбедувајќи подобар и поквалитетен живот за сите, без разлика на етничката, верската, политичката или родовата припадност. Ја имате мојата поддршка во секој еден момент, бидејќи силна држава значи подадена рака на секого!, објави на ФБ министерот Спасовски. цр/са/

Остани поврзан