Честитка од Гаши до Ламерт за 25 години работа на Фондацијата Конрад Аденауер во Република Северна Македонија
- Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши денеска остварил средба со претседателот на Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) и поранешен претседател на германскиот Бундестаг, проф. д-р Ноберт Ламерт.
Скопје, 27 мај 2025 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши денеска остварил средба со претседателот на Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) и поранешен претседател на германскиот Бундестаг, проф. д-р Ноберт Ламерт.
Како што информираат од собраниската прес-служба, Гаши честитајќи му на Ламерт за овој значаен јубилеј за Фондацијата Конрад Аденауер со кој се одбележуваат 25 години работа на Фондацијата во Република Северна Македонија, го нагласил придонесот за демократскиот развој на државата.

Гаши се осврнал на придонесот и процесите кои Фондацијата Конрад Аденауер ги спроведувала во сферата на владеење на правото, демократски напредок, меѓупартиски дијалог, како и поддршката на студенти да студираат во Федерална Република Германија.
Претседателот го запознал гостинот со тековните активности во Собранието, политичките случувања во државата, како и со реформите кои се спроведуваат во насока на интеграција во Европската Унија.
Ламерт, заблагодарувајќи се за срдечниот прием и за позитивните впечатоци кои ги споделил претседателот Гаши, нагласил дека овој јубилеј е особено важен за Фондацијата зашто потврдува дека остроумноста на Аденауер, како и неговата визија и умерениот пристап, се далекусежни и валидни и 70 години по неговиот мандат.

Од собраниската прес-служба посочуваат дека со оглед на тоа што Фондацијата Конрад Аденауер има над 70 претставништва во 120 држави, денешната средба во Собранието е потврда за значењето кое Фондацијата го дава на соработката со Република Северна Македонија и законодавниот дом.
Ламерт се осврнал на досегашната соработка со нашата држава и успешните проекти кои се реализирале благодарение на отворените врати на политичките партии и политичари.
Соговорниците се согласиле дека соработката и работата на Фондацијата Конрад Аденауер со Собранието треба да продолжи и во иднина, особено во сферата на надзорната улога на Собранието, унапредување на парламентарната дипломатија и подобрување на перцепцијата на граѓаните за Собранието. Како што се наведува во собраниското соопштение, во досегашните и идните процеси, особено важно е дека Фондацијата Конрад Аденауер ужива углед меѓу граѓаните и граѓанското општество. фф/дма/
Фото: Собрание