• вторник, 26 ноември 2024

Честитки од Албанија за изборот на Талат Џафери за премиер на техничката Влада

Честитки од Албанија за изборот на Талат Џафери за премиер на техничката Влада

Тирана, 28 јануари 2024 (МИА) - Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани му го честиташе изборот на Талат Џафери за премиер на техничката Влада на Северна Македонија. 

-Со среќа и успеси на првиот премиер Албанец во историјата на Северна Македонија! Убеден сум дека премиерот Талат Џафери и неговиот владин кабинет ќе ги исполнат заложбите и обврските од владината програма, од организирање слободни, фер и демократски избори, до продолжување на работата за реализација на процесите кои произлегуваат од преговори за членство во ЕУ и забрзување на европската интеграција, раст и развој на економијата и борба против криминалот и корупцијата, напиша Хасани на платформата Х.

Честитка упати и лидерот на Демократската партија Љуљзим Баша, наведувајќи дека Северна Македонија денес покажала пример за меѓуетнички соживот и улогата на Албанците како фактор на мирот и стабилноста на Западен Балкан.

- Без визијата, посветеноста и одлучноста на Али Ахмети тоа ќе беше невозможно. Конструктивната улога и посветеноста на евроатлантските вредности на Албанците од Северна Македонија беше одлучувачка за членството во НАТО и за отворањето на преговорите за членство во Европската Унија. Денес, Северна Македонија се покажа како примерен стандард за меѓуетнички соживот и улогата на Албанците како фактор на мир и стабилност на Западен Балкан. Посакувајќи му успех на премиерот Талат Џафери, изразувам надеж и уверување дека европскиот пат на Северна Македонија ќе продолжи без застанување, напиша Баша. 

Претходно изборот на Џафери за премиер на техничката Влада му го честитаа албанскиот премиер Еди Рама, шефот на државата Бајрам Бегај, неговиот претходник и актуелен лидер на Партијата на слободата Илир Мета, градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, како и други личности од политичкиот живот.

Медиумите отстапија посебен простор, а голем дел од нив известуваа директно од Скопје за, како што наведоа, „историскиот ден за Албанците“. вт/бак/

 

Фото: МЕНР/Хасани Х

Остани поврзан