• сабота, 23 ноември 2024

Чернотицки: Украинскиот Јавен сервис емитува програма од засолништа и за време на воздушни напади

Чернотицки: Украинскиот Јавен сервис емитува програма од засолништа и за време на воздушни напади

Киев, 13 февруари 2023 (МИА) - Вработените во Јавниот радиодифузен сервис на Украина - Суспилне Украини (СУ) на европската публика и даваат јасни и веродостојни информации за војната во Украина и што е уште поважно, го спречуваат ширењето на пропагандата на Кремљ, лагите за нивните воени дејствија и ги разоткриваат руските воени злосторства, вели првиот човек на СУ, Миколај Чернотицки.

- Новинарите од СУ помагаат во документирање на злосторствата на Русите како дел од глобалната иницијатива „Скрши го циклусот на неказнивост на руските воени злосторства“, нагласува Чернотицки во интервју за порталот Рацин.мк.

Говорејќи за работните услови во компанијата, Чернотицки посочува дека СУ го зајакнала безбедносниот протокол за работење во услови на војна.

- За време на воздушни аларми, сите вработени мора да одат во засолниште, но затоа се прилагодивме да емитуваме програма од засолништата. Железно правило е сите вработени во СУ да одат во засолништето за време на предупредување за воздушен напад. Така добивме нова вештина. Дури и за време на ракетен напад, студиото работи. Важно беше да се обезбеди непречено емитување, вклучително и за време на воздушни напади, но најважно беше да ги заштитиме животите на луѓето, потенцира Чернотицки.

Тој нагласува дека СУ е најголемата медиумска компанија во Украина, кон која луѓето секогаш се обраќаат во кризни ситуации, бидејќи им веруваат на вестите на јавниот радиодифузер.

- Со почетокот на војната, СУ требаше да исполни три главни задачи: да обезбеди непречено функционирање на медиумската компанија, да создаде услови за безбедна работа на вработените и навремено да им обезбеди проверени информации на Украинците преку сите можни канали за комуникација, потенцира Чернотицки.

Тој нагласува дека од првиот ден на војната, украинската Јавна радиодифузна компанија работеше без прекин, со целосна одговорност соочена со новата ситуација.

- Беа развиени неколку кризни сценарија, благодарение на кои беше можно да се прегрупира компанијата. Седиштето и централната беа преместени од Киев во Лавов. Компанијата сега е во процес на трансформација. Создаваме неколку нови продукциски центри и критични инфраструктурни објекти низ целата земја. Нашата определба е да обезбедуваме непречено функционирање на СУ под какви било закани, вели првиот човек на СУ. сп/

Остани поврзан