• понеделник, 23 декември 2024

Чепкалките со памук не се препорачуваат за детските уши

Чепкалките со памук не се препорачуваат за детските уши

Сараево, 21 октомври 2024 (МИА) - Памучните чепкалки изгледаат практично, безопасно и лесни за користење, но според многу стручњаци, нивната употреба не се препорачува, особено при чистењето уши кај дете.

Имено, во увото природно се лачи оптимална количина секрет којшто има своја цел - заштита и чистење на ушниот канал. Во повеќето случаи, и ушите на возрасните, и кај децата, самите си го регулираат вишокот ушно „жолтило“ и не треба дополнително чистење.

Сепак, кај некои луѓе - вклучително и деца, може да има прекумерно наталожување „жолтило“, што може да предизвика блокирање на ушниот канал. Тоа може да е проследено со проблеми со слухот, ѕвонење, затнатост, болка, чешање, па дури и непријатен мирис. Во такви случаи, секогаш се препорачува посета на педијатар, кој може безбедно и делотворно да го отстрани вишокот секрет.

Користењето стапчиња за чистење на ушите на детето може да доведе до сериозни проблеми, пишува „Кликс“.

Чепкалките, пред сѐ, наместо да го извадат, може само да го турнат „жолтилото“ подлабоко во ушниот канал, зголемувајќи ја опасноста од оштетување на каналчето и тапанчето на увото. Тоа може да резултира со болка, крвавење или, во краен случај - и губење на слухот.

Затоа, има и побезбедни начини да го отстраните вишокот „жолтило“ - на пр. со влажна крпа и нежно бришење на површината на увото. Има и посебни производи за деца, за омекнување на секретот, коишто се купуваат в продавница.

Исто така, може да го научите детето - по капењето да ја навалува главата настрана, т.е. на двете страни за да истече сета вода, сосе сите валканици.

Преку соодветно внимание и грижа, може да се обезбеди здравјето на ушите кај детето без опасности од повреди или инфекции. Во случај на посериозни симптоми или несигурности, секогаш консултирајте се со педијатар.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан