• понеделник, 23 декември 2024

Чадиковски: Нема листи за чекање за операции на деца со срцеви аномалии

Чадиковски: Нема листи за чекање за операции на деца со срцеви аномалии

Штип, 17 мај 2024 (МИА) - Нема листа за чекање за операции на деца кои имат срцеви аномалии, изјави денеска во Штип на третиот студентски конгрес на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев" (УГД) Штип, Владимир Чадиковски. Посочува дека  годишно се оперираат околу 150 деца. Дополнително бројот се зголеми откако Македонија, стана еден од регионалните центри на Балканот, за извршуваање на ваков тип на операции, истакна единствениот лиценциран кардиохирург за деца д-р Владимир Чадиковски.

 -Во моментот бројката на операции зависи од бројот на новородени деца и се движиме со операции на околу 150 деца годишно. Сега почнавме и регионално и бројката се зголеми и од Косово имаме повеќе од стотина бебиња оперирано. Ваков тип на центри има само во Белград, Атина и Софија. Значи, регионално ги решаваме проблемите кога се работи за деца, изјави Чадиковски, супспецијалист по детска кардиохиругија.

Забележува дека за разлика од пред десетина години кога се поставуваа темелите на детската кардиохиргија и имавме дефицит од кадар,  денеска нашата земја може  да се пофали со тим од околу седумдесетина експерти, кои секојдневно водат борба за да спасат детски живот.

 -Проблемот што го имаме пред се е капацитетот. Треба прво да ги згрижиме нашите деца, бидејќи бројката е статична. Во моментот имаме 12 бебиња оперирани и едноставно треба да се ослободат места па да се примат други. Приоритетни се нашите деца, па потоа ги третираме децата од регионот. Тоа е став којшто го имаме, рече Чадиковски.

Во Штип денеска во организација на студентите на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ беше организиран третиот Студентски конгрес на општа медицина. Голем број на еминенти професори и лекари пред студентите одржаа мотивирачки говор и ги споделија своите долгогодишни искуства. вдј/дма/

Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан