• среда, 25 декември 2024

Чадиковски за МИА: Излегуваме да кажеме дека новинарството е јавно добро, условите за работа мора да бидат достоинствени

Чадиковски за МИА: Излегуваме да кажеме дека новинарството е јавно добро, условите за работа мора да бидат достоинствени

Скопје, 16 февруари 2023 (МИА) - Чувствуваме дека работите тапкаат во место, дури и се влошуваат, а законите важни за медиумите не се спроведуваат. Јавните функционери и денес имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите. Излегуваме за да кажеме дека новинарството е јавно добро и дека условите во кои работат новинарите мора да бидат достоинствени, потенцира во изјава за МИА претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, по повод денешниот марш за одбрана на новинарското достоинство, што ЗНМ го организира со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Според Чадиковски, самиот факт што денес излегуваат на протестен марш говори дека треба уште многу да се направи за да имаме достоинствено новинарство. Маршот ќе започне од пред зградата на Владата, а медиумските работници ќе се движат до Собранието на РС Македонија.

Како што објаснува претседателот на ЗНМ, целта е да упатат порака дека бараат почит кон новинарската професија и промени на подобро. 

-Ќе бидеме гласни, видливи и што е најважно обединети. Очекувам колегите да бидат присутни, затоа што овие прашања што ги истакнуваме не се важни само за ЗНМ или за ССНМ, важни се за сите нас, новинарите, снимателите и останатите медиумски работници, важни се за граѓаните, за да не ги изневеруваме нивните очекувања, додава тој.

Според Чадиковски, јавните функционери и денес знаат да имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, агресивниот државен Пи/ар ја зема работата на новинарите, локалните и регионални медиуми работат на раб на издржување, а безбедноста на новинарите не е на ниво на кое би сакале да биде.

Новинарскиот марш се организира кога Здружението одбележува 77 години постоење. Чадиковски потенцира дека е факт оти ова треба да биде заеднички труд на сите чинители, со цел да се креира амбиент за поквалитена работа на медиумските работници, но пред се носителите на јавни функции и политичарите треба да сфатат дека не смеат да не игнорираат или потценуваат. Не заради нас, туку заради граѓаните и јавноста која ние ја претставуваме, порачува Чадиковски. 

Новинарството денес не е имуно на општествените трендови. Новите дигитални медиуми стануваат се попопуларни во однос на традиционалните. Според претседателот на ЗНМ, новинарството минува низ сериозни трансформации во поседниве години кои ги диктираат новите технологии.

-Нашата задача како новинари е професионалните стандарди на професијата да ги пресликаме и во новинарството кое се менува. Како здружение на новинари заедно со СЕММ го направивме „Промедиа“, регистарот на професионални он лајн медиуми, со цел фелата сама да почне да ги решава проблемите кои постојат во „онлајн“ просторот. Тие се на добар пат, и очекуваме во наредниот период саморегулацијата да заземе уште позначајно место во медиумската сфера, додава Чадиковски за МИА.

Тој е дециден дека последните избори на ЗНМ, кои се сметаат за најмасовни досега, покажуваат оти новинарството како професија има капацитет да ја подигне солидарноста меѓу новинарите на многу повисоко ниво, и постојат прашања за кои можат да се согласат. Особено, како што вели, прашањата за кои мора да постои консензус.

-Со новинарството никој, најмалку политичарите, не смеат да си играат и што е уште поважно мора да се однесуваат со почит кон нас, во спротивно, ги навредуваат граѓаните и јавноста која ние ја претставуваме, порачува Чадиковски.

Поддршка на ЗНМ за маршот за одбрана на новинарското достоинство  упати SafeJournalists мрежата, која претставува повеќе од 8 200 медиумски професионалци во Западен Балкан. Во заедничко соопштение поддршка за маршот и честитки за 77 годишнинатата до ЗНМ кое е членка на оваа мрежа изразија здруженијата на новинари на Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, како и Синдикатот на медиуми на Црна Гора.бт/лв/

 

 

Остани поврзан