• петок, 22 ноември 2024

Чавушоглу: Шведска и Финска да престанат да ги поддржуваат терористичките групи ако сакаат Турција да ги поддржи за НАТО

Чавушоглу: Шведска и Финска да престанат да ги поддржуваат терористичките групи ако сакаат Турција да ги поддржи за НАТО
Берлин, 15 мај 2022 (МИА) - Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу денеска рече дека Шведска и Финска мора да престанат да ги поддржуваат терористичките групи во нивните земји, да обезбедат јасни безбедносни гаранции и да ја укинат забраната за извоз на Турција, доколку сакаат Турција да го поддржи нивното членство во НАТО. Говорејќи по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Берлин, Чавушоглу рече дека се сретнал со шведскиот и финскиот колега и дека тие се обидуваат да одговорат на загриженоста на Турција. Тој додаде дека Турција никому не му се заканува, ниту има корист од актуелната ситуација, но особено зборуваше за поддршката на Шведска за курдската милитантна група ПКК, која Турција, Европската унија и САД ја сметаат за терористичка организација.
Финска денеска потврди дека ќе поднесе барање за членство во НАТО, а се очекува и Шведска да го следи примерот, како одговор на руската инвазија на Украина. Како што пренесуваат агенциите, сепак, загриженоста на Турција може да биде пречка, бидејќи секоја одлука за влез во НАТО бара едногласно одобрение од сите 30 земји-членки.
„Овде апсолутно мора да има безбедносни гаранции. Тие мора да престанат да ги поддржуваат терористичките организации“, им рече Чавушоглу на турските новинари во Берлин. Шефот на турската дипломатија додаде дека Шведска и Финска мора да ја укинат забраната за извоз на некои производи од нивната одбранбена индустрија во Турција. „Нашата позиција е совршено отворена и јасна. Ова не е закана, тоа не се преговори во кои се обидуваме да ги наметнеме нашите интереси“, рече тој. Според него, „ова, исто така, не е популизам“. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги изненади сојузниците на НАТО и скандинавските земји во петокот кога рече дека Турција не може да го поддржи проширувањето, бидејќи Финска и Шведска се „дом на голем број терористички организации“, но неговиот портпарол во саботата рече дека Турција не ги затворила вратите. Чавушоглу повтори дека Турција, која влезе во НАТО пред 70 години, не се противи на политиката на отворени врати. Тој рече дека разговорите со колегите од Шведска и Финска биле добри и дека тие дале „предлози за ублажување на легитимната загриженост што Турција ќе ги разгледа“. Шефот на турската дипломатија истакна дека им доставил докази дека терористи живеат во нивните земји. паг/    

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан