• понеделник, 23 декември 2024

Чавушоглу телефонски разговараше со министерот за надворешни работи на талибанската Влада на Авганистан

Чавушоглу телефонски разговараше со министерот за надворешни работи на талибанската Влада на Авганистан
Анкара, 9 февруари 2022 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, телефонски разговараше со министерот за надворешни работи во талибанската Влада на Авганистан, Амир Кан Мутаќи, јави агенцијата Анадолија. Министерството за надворешни работи соопшти дека Мутаќи му посакал брзо оздравување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој е заразен со коронавирусот, и му се заблагодарил за првиот хуманитарен воз кој донесе хуманитарна помош од Турција во Авганистан. Шефот на турската дипломатија, Чавушоглу, истакнал дека наскоро се очекува нов хуманитарен воз да тргне кон Авганистан. Чавушоглу во разговорот со Мутаќи нагласил дека воспоставувањето инклузивна влада во Авганистан е важно за стабилноста и мирот на земјата. Тој, исто така, ја изразил загриженоста на Турција поради информациите за исчезнувањето на повеќе активистки во Авганистан, информира Анадолија. Истакнувајќи дека е важно и образованието на девојчињата, Чавушоглу наведе дека турските власти ги следат позитивните чекори преземени во Авганистан во тој поглед. Чавушоглу и Мутаќи разговараа и за прашањето за повторно активирање на училиштата „Маариф“ во Авганистан. Една од темите беа и преговорите кои се водат за работата на аеродромите во Авганистан, со кои би можеле да управуваат Турција и Катар.

Остани поврзан