• вторник, 26 ноември 2024

ЦУК: Шумскиот пожар кај село Цер ставен под контрола

ЦУК: Шумскиот пожар кај село Цер ставен под контрола

Скопје, 22 јуни 2024 (МИА) - Шумскиот пожарот над кичевското село Цер, на месноста „Рамник“ е ставен под контрола и нема повеќе опасност од негово ширење, информираат од Центарот за управување со кризи.

-Екипите од кичевската подружницата „Лопушник“ на Јавното претпријатие „Македонски шуми“, кои биле на терен денеска од 05:00 до 13:00 часот информираа дека пожарот е „заобиколен“ и нема повеќе опасност од негово ширење, иако се уште се забележувал чад од теренот каде што се дејствувало, велат од ЦУК.

Оттаму посочуваат дека во текот на денешниот ден од рани утрински часови во гасење на пожарот интервенирале 15-тина лица од село Цер, а исто така било интервенирано од воздух со хеликоптер на МВР.

-Хеликоптерот утрово во седум - осум наврати дејствувал и истурил вода на опожарениот простор во период од 08:00 до 10:30 часот, па потоа се вратил во базата по гориво, па повторно во период од 11:00 до 13:00 часот уште седум - осум пати полнел, транспортирал, па исфрлал вода на опожарените места во координација со вработените од „Лопушник“ кои биле на терен, велат од ЦУК.

Според податоците добиени од кичевската подружницата „Лопушник“ на Јавното претпријатие „Македонски шуми“, денеска на терен имало три екипи со по четири - пет лица од „Лопушник“, 15 лица од месно население од село Цер, на коишто им се приклучиле четири - пет лица од Крушево кои со грбни противпожарни прскалки („напртњачи“) помагале во гасењето на пожарот.

Во моментов, како што велат од ЦУК, сите лица ангажирани за гасење на пожарот се повлечени од теренот и утре наутро повторно ќе се излезе на терен за да се направи контрола. дма/

Фото:ЦУК, МВР

Остани поврзан