• вторник, 24 декември 2024

Црковниот одбор ги поканува верниците на одбележување на славата на манастирот „Света Марена“ во Туминец

Црковниот одбор ги поканува верниците на одбележување на славата на манастирот „Света Марена“ во Туминец

Дебар, 29 јули 2024 (МИА) - Црковниот одбор на манастирот „Света Марена“ село Туминец, Мала Преспа, кој годинава е организатор на  манастирската слава, ги поканува верниците на одбележување кое почнува вечерва, во предвечерието на празникот.  

-Денеска во 18 часот ќе се одржи вечерна богослужба, а во 20 часот за сите присутни ќе се служи вечера од кумовите на манастирската слава Ставре Ставре, Славче Ставре и Васил Јанкула. За пријатно расположение ќе има музика со македонски песни и ора. Утре, 30 јули, во 7.30 часот ќе се одржи утринска богослужба, по што ќе се свети вода и ќе се изберат новите кумови на манастирската слава за наредната 2025 година. Поканата важи за сите верници и добронамерници, рекоа за МИА од Црковниот одбор.

Манастирот датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Лоциран е на 50-тина метри од брегот на Преспанско Езеро, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност.

-Пред еден од најголемите христијански празници, Рождеството Христово-Божик, се слушна екот од новата камбанарија, што му недостигаше на овој божји храм,  благодарение на помошта на Македонците од Мала Преспа и од цела Македонија, кои живеат во Канада. Тие на дарителна вечер, во февруари минатата година, организирана од македонската црква „Света Недела“ во Канада, собраа 20 илјади канадски долари, наменети токму за манастирот и камбанаријата, додаваат од одборот.

Патронот на манастирот, Македонците во Мала Преспа, традиционално, го слават заедно и каде и да се иселени тие за овој празник се тука. Во манастирската црква се чуваат поголем дел од моштите на светицата, каде сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти. вт/

Фото: Црковен одбор

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан