• петок, 05 декември 2025

Црвен крст Кочани го одбележа Светскиот ден на крводарителството, Тиме Златков доби признание за 100 пати дарувана крв

Црвен крст Кочани го одбележа Светскиот ден на крводарителството, Тиме Златков доби признание за 100 пати дарувана крв

Кочани, 13 ноември 2025 (МИА) - Црвениот крст на Северна Македонија – Општинска организација Кочани денеска ги врачи признанија на повеќекратните крводарители од општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, на свечен настан по повод Светскиот ден на крводарителството.

На свеченоста беа доделени благодарници на крводарители за 5, 25, 50 и 100 пати дарувана крв, како и на поддржувачи и на унапредувачи на крводарителството.

Годинава признанието за 100 пати дарувана крв му припадна на Тиме Златков од селото Тркање, Кочани при што Црвениот крст му врачи благодарница, плакета  и традиционален подарок телевизор.

-Многу е убаво чувството да се дарува крв, притоа знаејќи дека со тоа спасувате живот. Почнав да дарувам крв подоцна,  на 30-годишна возраст, но успеав да стигнам до бројката над 100 пати. Имам 104 дарувања. Здраво се хранам и живеам здрав живот. Јас сум А позитив крвна група. На сите млади им препорачувам да даруваат крв бидејќи утре може да ни затреба на секој од нас, рече Златков, крводарител со над 100 пати дарувана крв.

Настанот се реализираше по повод 14 Јуни, Светскиот ден на крводарителството. Годинава поради трагедијата во Кочани се реализираше подоцна.

-Овие признанија не се само признанија и бројки, ова се спасени човечки животи, ова е дадена надеж таму кадешто е најпотребна. Со денешниот ден сакам во името на Црвен крст Кочани да изразам благодарност на сите хумани луѓе кои придонесуваат за солидарноста и хуманоста во нашата заедница со дарувањето на крв. Дарувањето не е само хуман гест, тоа е начин на живот. Треба да бидеме благодарни на овие луѓе и исто така да биде како инспирација и за други луѓе да се приклучуваат во хуманото семејство на крводарители кое треба да се шири, рече Анета Коцева, секретар на Црвен крст Кочани.

На локално ниво, Општинскиот Црвен крст минатата 2024 година реализираше вкупно 19 крводарителски акции. Од нив 12 редовни и традиционални, секој последен четврток во месецот во просториите на Црвен крст Кочани, три во соработка со кочанската полиција, две во Општина Зрновци, една младинска акција и една акција во компанијата „Руен Инокс Автомобиле“. Вкупно во 2024 година собрани се 1 018 крвни единици. ис/мд/

фото: Црвен крст Кочани

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан