• вторник, 26 ноември 2024

Црвениот крст презентираше платформа за соработка со државните институции во време на кризен менаџмент

Црвениот крст презентираше платформа за соработка со државните институции во време на кризен менаџмент

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) - Под покровителство на Министерството за внатрешни работи денеска Црвениот крст одржа конференција посветена на зацврстување на позициите на организацијата за поефикасно спроведување на хуманитарните операции и ја презентираше платформата за соработка со државните институции во време на кризен менаџмент. 

Како што истакна генералниот секретар на Црвениот крст Саит Саити, на Црвениот крст му претстојат активности во насока на реорганизација и реформирање на системот и затоа изготвена е платформа во која прецизно се дефинирани областите на делување, за кои рече дека државата може да смета. Саити посочи дека во платформата е дефинирано преземање на поголеми одговорности и улоги од страна на Црвениот крст, со цел, како што рече, да ја направиме државата подобро место за живеење.

– Неодамна започнавме процес на промени, кој има за цел да ја подобри нашата работа за да одговориме на динамиката во надворешното опкружување, со посебен акцент на дигитализацијата и вештачката интелигенција како катализатори на развојот. Притоа, амбициите ги дефиниравме во правец на преземање поголеми одговорности и улоги со цел заедно да ја направиме државата подобро место за живеење. Се работи за платформа, која како документ беше изготвена изминатиов период, во која точно и прецизно се дефинирани, во кои делови и области сакаме во наредниот период да бидеме дел од нештата кои се случуваат во нашата држава, поготово до делот на кризниот менаџмент. Со оглед на тоа дека претстојуваат одредени активности во смисла на реорганизација и реформирање на системот, сметавме дека е вистинско време преку јасно дефинирана понуда да излеземе пред институциите и да кажеме на што може да смета државата од страна на Црвениот крст, истакна Саити.

Свое обраќање на конференцијата имаше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој пак, ја нагласи потребата од продлабочување на институционалната соработка, за која рече дека е веќе воспоставена и посочи дека Црвениот крст е една од круцијалните институции која треба да одговори при постапување во ситуации на кризен менаџмент. Вели за поголема успешност и справување со предизвиците кои доаѓаат, за кои рече дека ќе бидат почести и ќе остават посериозни последици за граѓаните и развојот на човештвото во целина, потребна е визија која ќе ги надмине досегашните граници на подготвеност. 

– Црвениот крст секогаш бил таму каде што требало да биде присутен и секогаш одговарал соодветно на сите предизвици кои биле пред нас. Се надевам дека во иднина само ќе можеме да ја продлобочиме институцијалната соработка која што веќе е воспоставена и да ја подобриме, со цел да можеме да одговориме подобро на нашите граѓани, односно со цел да можеме во ситуација на одредена кризна состојба, со заедничка енергија и заеднички пристап, да бидеме на ниво на предизвикот, којшто не дај боже би го имале, а не дај боже ситуации се случуваат секогаш, рече Тошковски.

Институционалната меморија, додаде, сведочи за долгогодишна успешна соработка и партнерство на двете институции во најголемите периоди на разни видови кризни ситуации, посочувајќи ги поплавите во 2016 година, како и шумските пожари кои се случуваат секоја година. 

– Уште ни се свежи сеќавања на поплавите од 2016 година, но и на пожарите кои секоја година се голем предизвик за сите нас, на КОВИД кризата која предизвика повеќеслојна криза која мораше да се решава со заеднички напори и добра координација на сите институции во која Црвениот крст одигра исклучителна улога, рече Тошковски. ра/ац/

Фото: Министерство за внатрешни работи

 

Остани поврзан