• вторник, 24 декември 2024

ЦИС: Шпанските конзервативци и социјалисти со изедначени шанси за победа на изборите на 23 јули

ЦИС: Шпанските конзервативци и социјалисти со изедначени шанси за победа на изборите на 23 јули

Мадрид, 6 јули 2023 (МИА) - Шпанската конзервативна Народна партија (ПП) е изедначена со владејачката Социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) пред изборите на 23 јули, но левичарската коалиција има поголеми шанси да обезбеди мнозинство, покажува истражувањето на јавното мислење што вчера беше објавено во земјата.

Истражувањето, спроведено од државниот Центар за социолошки истражувања (ЦИС) од 8 до 27 јуни, покажа дека опозициската Народна партија има поддршка од 31,4 отсто од гласачите, а ПСОЕ 31,2 отсто. Маргината на грешка е еден процентен поен.

Слично истражување спроведено од ЦИС од 31 мај до 7 јуни покажа дека Народната партија ја поддржуваат 30,7 отсто од гласачите, а ПСОЕ 31,2 отсто, пренесува Хина.

ЦИС процени дека Народната партија би можела да добие меѓу 122 и 140 пратенички места од вкупно 350, а ПСОЕ меѓу 115 и 135.

Екстремно десничарската партија Вокс, најверојатниот коалициски сојузник на Народната партија, би добила меѓу 21 и 29 места.

ЦИС смета дека тоа значи дека десничарската коалиција на Народната партија и Вокс нема да добие доволно гласови за апсолутно мнозинство.

Сумар, новата партија која ги обединува Подемос и другите екстремно левичарски партии, би добила меѓу 43 и 50 места, што би можело да му овозможи на шпанскиот премиер Педро Санчез да добие нов мандат.

Народната партија води во анкетите откако на 29 мај неочекуваното беа распишани предвремените парламентарни  избори, но сите покажуваат дека ќе и треба поддршката и од Вокс за формирање влада. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан