• среда, 25 декември 2024

Циркуларна економија - нов концепт за заштеда на ресурсите, минимум отпад, одговорно производство и одговорна потрошувачка

Циркуларна економија - нов концепт за заштеда на ресурсите, минимум отпад, одговорно производство и одговорна потрошувачка

Скопје, 29 јануари 2024 (МИА) - Земјите од регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија, прават многу комунален отпад, а се уште немаат доволно развиена свест за негово рециклирање и селектирање. Токму отпадот е фокус на циркуларната економија - нов концепт што подразбира штедење на ресурсите, одговорна потрошувачка и одговорно производство. 

Како што беше речено денеска во Стопанската комора, луѓето треба да размислуваат еколошки одржливо, а за тоа да се поттикне, најдобро е да се воведе соодветна едукација уште од најрана возраст - во градинките и основните школи. 

 -Правиме многу комунален отпад, не рециклираме доволно, а и селектирањето е на скромно ниво. Така е во сите земји на Балканот. Се уште е ниска свеста, а тоа може да се смени единствено преку образованието. За ова мора да се учи уште од градинка и основно училиште. Не се сомневам дека за одреден поериод ќе има и задолжителни предмети за одржлив развој и циркуларна економија во основните школи зашто такви кадри навистина ни требаат, истакна професорката Наташа Петровиќ од Факултетот за организациски науки при Универзитетот во Белград која го одржа т.н. месечно обраќање во Комората.

Според неа, минимизирање на отпадот и негово рециклирање за повторно создавање употребна вредност, е најкратката дефиниција за циркуларната економија.

-Кај нас производниот систем базира на линерана економија - земање ресурси од природата, преработување, добивање различни производи кои се трошат и потоа завршуваат во отпад. Но, овој циклус мора да добие кружен тек - отпадот да се рециклира и да се врати во производствениот систем, на почетокот на линијата, да се направи затворен круг. Треба, всушност, да ја имитираме природата која совршено знае што прави, потенцира Петровиќ.

Рециклирањето на отпадот, укажа, го оптимизира искористувањето на ресурсите. 

-Неопходно е проактивно делување, а за тоа луѓето мора да имаат знаење, стручност, еколошка култура, но и алатки. Во моментов циркуларната економија се занимава со пластиката, иако во ЕУ многу често се зборува и за храната. Храна многу се фрла, а проблем се и биомасата, како и градежниот отпад кој е проблематичен за одложување/складирање. Циркуларна економија е кога храна купувате на мерење, колку што ви треба, за потоа да не ја фрлате и да создавате отпад. Во некои земји веќе има системи за повторно полнење млеко или се употребуваат многу мали пакувања, напомена професорката. 

Зборувајќи за ресурсите, таа рече и дека во иднина некои метали ќе мора да се рециклираат, зашто тоа ќе биде нивниот единствен извор.

Според Комората, иако кај нас има закони што ги третираат животната средина и отпадот, како и неговото селектирање, сликата што ја испраќа земјава од тој аспект е многу грда.

Претставник од бизнисот посочи дека во Северна Македонија се уште нема фирми кои се занимаваат со отпадот што го создаваат некои компании, па тие и да сакаат, нема каде да го одложат.

-Нема компании во земјава кои се занимаваат со отпадот што ние го создаваме, на пример, тутунска прашина, а од неа може да се прават брикети или хумус. Од друга страна, извозот е неисплатлив доколку евентуално има такви компании во Србија, рече претставникот од бизнисот.

Комората со денешниот настан најави низа активности на тема циркуларна економија. Воедно информира дека е формиран Центар за циркуларна економија како нова алатка во интерес на компаниите. Донесена е и Одлука за формирање иницијатиен одбор за регионален хаб за циркуларна економија. мч/лв/

фото: МИА

 

Остани поврзан